Управата на Ливерпул не беше премногу активна на пазарот летово, а згора на тоа на маса останаа трите огромни проблеми, договорите на Вирџил ван Дајк, Мохамед Салах и Трент Александер Арнолд кои истекуваат на крајот од летово, по кои трите фудбалски суперѕвезди би можеле без никаква отштета да си заминат од „Енфилд“.
Раководството на англискиот гигант веќе ги почна преговорите со тројцата фудбалери, а последните информации од „островот“ велат дека прв навивачите на Ливерпул ќе ги израдува Вирџил ван Дајк. Новиот тренер Арне Слот бил импресиониран од лидерските способности на дефанзивецот и гласно побарал од управата да се стори се за Холанѓанецот да остане во Ливерпул. Самиот Ван Дајк секогаш ја потенцираше желбата да остане, проблем на стартот беше што тој инсистираше на договор за дополнителни три сезони, но последните информации говорат дека Вирџил се согласил на договор до 2027, по што остануваат само ситници пред да биде официјализирано продолжувањето на соработката.
Истите извори тврдат дека во напредна фаза се и преговорите со Трент Александер Арнолд, за кого „црвените“ брзаат да потпишат нов договор најдоцна до почетокот на декември, се со цел да спречат десниот бек да почне директни преговори со Реал Мадрид на стартот од јануари (шест месеци пред истекот на актуелниот договор).
Најбавно барем засега течат преговорите со Мохамед Салах, египетскиот голгетер веќе е најплатен фудбалер во тимот и на 32-годишна возраст бара ново зголемување на платата, но во раководството на Ливерпул владее оптимизам дека и овој договор ќе биде потпишан, па „црвените“ ќе ги задржат овие тројца клучни играчи и за сезоните што следат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА