Јирген Клоп на крајот од сезонава ќе си замине од Ливерпул, а неговата објава за предвремениот раскин на договорот со „црвените“ ги шокираше сите фудбалери кои во изминатите години создадоа цврста врска со германскиот стратег.
Еден од оние на кои Клоп најмногу ќе им недостига дефинитивно е Вирџил ван Дајк, кој беше доведен на „Енфилд“ од Германецот и под негово водство се издигна во еден од најдобрите дефанзивци во светскиот фудбал.
„Ќе ми биде тешко, многу тешко. Јас сум многу емотивен човек, не сакам збогувања, а ќе треба да го сторам тоа со човек што ми е многу близок. Страв ми е од денот кога ќе треба да се збогувам од Клоп, згора на тоа како капитен сигурно ќе треба и да кажам неколку реченици, тоа чувство ќе биде ужасно. Секако, би ни било полесно ако сезонава ја завршиме успешно. Затоа, тоа е нашата цел, да останеме позитивни до последниот ден заедно и да настојуваме да бидеме што поуспешни, да освоиме уште некој трофеј“, изјави Ван Дајк.
Холандскиот дефанзивец има договор со Ливерпул до јуни 2025 година и се уште нема потпишано продолжување на соработката, чекајќи да види кој ќе биде наследникот на Јирген Клоп пред да донесе конечна одлука за иднината.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА