Луис Ван Гал си поднесе оставка од клупата на холандската репрезентација веднаш по синоќешната елиминација од Аргентина во четвртфиналето на Мундијалот во Катар.
Ван Гал по третпат дојде на селекторската функција во август минатата година, а сега се повлекува.
„Нема да продолжам… Ова е мојот последен натпревар. Не загубивме ниту еден натпревар, не знам колку добивме, но може на ‘Гугл’ да побарате ‘Луис Ван Гал – Холандија’ и сами ќе ја видите гол-разликата под мое водство“ – изјави синоќа 71-годишниот Ван Гал кој заврши овие 16 месеци без ниту еден пораз на клупата на Холандија.
Холандија под негово водство во последниот мандат запиша 14 победи, со шест ремија и гол разлика од 51-17.
„Имаме одлична екипа со многу таленти. Ваков пораз едноставно не можеш да преболиш. Имаше многу сомнителни судиски одлуки, но не допуштам да се мисли дека загубивме поради судијата. Сега ќе одморам, а воопшто не ме интересира кој ќе биде светски шампион“ – рече Ван Гал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА