Руд ван Нистелрој е многу блиску до тренерски камбек откако холандскиот стратег ги интензивираше преговорите со Барнли за да седне на клупата на овој англиски тим. Барнли испадна од Премиер-лигата, во меѓувреме тренерот Винсент Компани се пресели во Баерн Минхен, а раководството на англискиот клуб сака да го ангажира токму Ван Нистелрој за негов наследник.
Холанѓанецот е заинтересиран за преселба на „островот“, каде имаше големи успеси како фудбалер, свесен дека добри резултати со Барнли можат да му го кренат тренерскиот рејтинг за во иднина да може да се пресели и во поголем клуб.
Холандскиот весник „Телеграф“ тврди дека преговорите се во завршна фаза, па во следните 48 часа може да се очекува Ван Нистелрој да потпише двогодишен договор со Барнли. Член на овој англиски клуб е и македонскиот репрезентативец Дарко Чурлинов. Нашиот крилен офанзивец мината сезона беше испратен на позајмица во Шалке, по што летово се врати во Барнли. Компани не сметаше сериозно на Чурлинов, но по испаѓањето во Чемпионшип и најавеното заминување на неколку клучни офанзивни фудбалери од екипата, лесно може да се случи Македонецот да остане и да има позначајна минутажа под водство на легендарниот холандски голгетер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА