Руд ван Нистелрој веднаш најде нов работен ангажман во Премиер-лигата, само десетина дена откако холандскиот стратег и официјално си замина од Манчестер Јунајтед по смената на кормилото и доаѓањето на Рубен Аморим за нов менаџер на „црвените ѓаволи“.
Португалецот реши да не го задржи легендарниот голгетер во клубот, но Ван Нистелрој нема да биде долго без работа, откако вечерва постигна договор да седне на клупата на Лестер. „Лисиците“ викендов објавија дека ја прекинуваат соработката со Стив Купер, по што на крајот го избраа токму Ван Нистелрој за свој предводник.
Договорот ќе биде со важност до јуни 2026 година, а препорака сигурно беше фактот што Ван Нистелрој како привремен тренер на Јунајтед два пати го водеше овој тим против Лестер (по еднаш во лига-купот и во Премиер-лигата), славејќи два пати со вкупен резултат 8-2.
Холанѓанецот своето деби во новиот клуб ќе го има в сабота, кога Лестер ќе му гостува на тимот на Брентфорд.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА