Наполи ја забележа и втората победа на стартот од новата калчолигашка сезона, триумфирајќи на гостувањето против Џенова со 1-2. Ова беше дуел на двајцата македонски асови, Горан Пандев и Елиф Елмас, на кој Пандев успеа да постигне и гол што контроверзно беше поништен со ВАР.
Елмас доби шанса од првата минута, а токму неговиот партнер од средниот ред, Фабијан Руиз, го постигна првиот гол на натпреварот откако стрелаше прецизно од дваесетина метри.
Тренерот на Џенова го уфрли Пандев во игра на почетокот од второто полувреме, а десетина минути подоцна стрелаше прецизно во празната мрежа откако голманот Мерет ја испушти топката на работ на шеснаесетникот. Гостите протестираа, а судијата по прегледување на ВАР-снимката оцени дека Мерет бил фаулиран, поништувајќи го голот на „Гранде Пандев“.
Нашиот ас учествуваше во акцијата при израмнувачкиот погодок, кога Камбијасо се снајде одлично и ја затресе мрежата на „наполитанците“. Гостите тргнаа во офанзива и на крајот успеаја да постигнат и победнички погодок, и тоа преку „резервистот“ Петања по центаршутот на Марио Руи.
Наполи има максимални шест бода по две одигрaни кола, а Елмас и соиграчите во следното коло ги очекува големото дерби со Јувентус.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА