Актуелната сезона во Лигата на шампионите обележена е со дискутабилни судиски одлуки, најмногу во завршницата на најпрестижното европско клупско натпреварување. Очигледните судиски грешки на штета на Баерн Минхен, на Рома и на Јувентус се уште се актуелни, па не стивнува ни притисокот врз Европската фудбалска федерација (УЕФА) за воведување на видеотехнологијата (ВАР).
„Лигата на шампионите е како Ферари или Порше. Не можете да го возите веднаш. Ви треба тренинг“ – објасни неодамна претседателот на УЕФА, Александар Чеферин на прашањето дали во претстојната сезона ќе се користи ВАР технологија и во Лигата на шампионите.
Потпретседателот на Европската фудбалска федерација, Мајкл Ува, пак потврди дека видеотехнологијата, порано или подоцна, неминовно ќе биде имплементирана во ЛШ.
„За спроведувањето на технологијата дискутираме на разни состаноци. Знам дека сме на точка од каде нема враќање. Порано или подоцна, ќе воведеме ВАР, но се зависи исклучително од моментот кога ќе егзистираат доволен број национални федерации кои ќе воведат видотехнологија во своите лиги. Во секој случај, вложувањето во ВАР системот е неизбежно“ – изјави Мајкл Ува за „Скај Спорт“.
На предлог на Светскиот одбор на фудбалските федерации (ИФАБ) ФИФА одлучи видеотехнологијата да се користи и на претстојното Светско првенство во Русија. Во актуелната натпреварувачка сезона, ВАР системот е застапен во некои европски лиги како белгиската, португалската, германската и италијанската, а од наредната ќе се вклучи и во шпанската Ла Лига.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА