УЕФА донесе одлука за натпреварите од завршницата од Лигата на Нации да биде користена и ВАР технологија како помош за арбитрите на овие суперзначајни средби на кои влогот е билет за ЕВРО 2021. Одлуката на официјалната веб-страница денеска ја потврди и Фудбалската Федерација на Македонија, како организатор на полуфиналната пресметка против Косово што ќе се игра на 8 октомври во Скопје.
„Македонската А репрезентација на 8. октомври од 20:45 часот против Косово на Националната арена „Тодор Проески“ ќе го одигра натпреварот од полуфиналето во Лига на нации за пласман на Европското првенство. На еден од најважните натпревари за нашата селекција на Националната арена ќе се имплементира ВАР систем, видео технологија за помош при судиските одлуки. За да се користи т.н. ВАР систем на одреден стадион потребно е да се направи тест за одобрување дека видео технологијата може да се користи. Одобрувањето за користење на ВАР систем го потврдува ФИФА, а сето тоа е поврзано со Правилата на фудбалската игра“, информира „куќата на фудбалот“.
Воедно, од ФФМ додаваат дека на еден ден пред одигрување на мечот ќе се почне со тестирање на ВАР-технологијата, а последното тестирање ќе биде направено на два часа пред почетокот на средбата.
„На Националната арена „Тодор Проески“ ќе се изврши тестирање за користење на ВАР технологијата на ден пред натпреварот со Косово по претходен состанок на кои ќе присуствуваат претставници на Фудбалската федерација на Македонија, одговорните за ВАР системот за натпреварот Македонија – Косово и претставник на компанијата „HAWKEYE“ која што УЕФА ја има избрано за официјална компанија за имплементација на ВАР систем на натпреварувања организирани од УЕФА. На самиот ден на натпреварот ќе се направи тест за синхронизирање (опрема на стадион со ВАР возило), а последното тестирање ќе се изврши на два часа пред почетокот на натпреварот. Доколку има одредени технички проблеми со имплементацијата на ВАР системот за време на натпреварот, во тој случај видео асистенцијата за помош при судиските одлуки нема да се користи“, најавуваат од ФФМ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА