ЕКИПА на ЕП во Хрватска,
Билјана Б.Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски
Во позитивна атмосфера, водени од сонот за првото европско полуфинале, македонските ракометари денеска (20.30 ч.) во Вараждин играат против Шпанија, во првиот натпревар од втората фаза на Европското првенство во Хрватска.
Во втората фаза во Вараждин, Македонија влегува како првопласирана во групата, без пораз во првите три натпревари и со три пренесени бодови. Тоа ни носи добра стартна позиција и отворен пат за историски успех.
Ќе биде тешко, но не и невозможно доколку македонската репрезентација предводена од селекторот Раул Гонзалес го задржи позитивниот ритам и тактичката беспрекорност на терен. Во втората фаза, Македонија ја очекуваат уште три натпревари со Шпанија, Чешка и со Данска.
Шпанците се првиот предизвик и прва пречка кон следната цел. Денешниот дуел ќе биде исклучително интересен од повеќе аспекти. Најмногу поради Раул Гонзалес и шпанскиот стил на игра во македонска изведба.
„Нашата предност е што на клупата ги имаме Раул Гонзалес и Гарсија Пaрондо. Двајца Шпанци кои знаат како игра и како размислува Шпанија. Се познаваме добро едни со други, сме играле заедно и сме живееле заедно“ – вели Кире Лазаров.
Македонскиот капитен седум години играше во Шпанија во дресот на Сиудад реал, Атлетико Мадрид и последните четири години во Барселона. По преселбата на Лазаров во францускиот Нант, од нашите репрезентативци единствен „Шпанец“ во составот е Борко Ристовски кој го брани голот на Барселона и на вечерашниот дуел на спротивната страна ќе го има својот клупски колега Гонзало Перез де Варгас.
И во составот на Шпанија има играчи кои добро ја познаваат Македонија. Во шпанскиот состав е бекот на Вардар, Жоан Канељас и поранешниот вардарец Алекс Душебаев.
„Македонија има одлични ракометари, иако не се физички доминантни. Мислам дека ќе се обидат да ги избегнат ротациите и така да го добијат натпреварот. Тоа е нормално. Нема сомнение, Кирил Лазаров е еден од најдобрите играчи во светот и е лидер во репрезентацијата на Македонија и еден од ретките што може да го носи целиот тим на грб“ – изјави Алекс Душебаев.
Македонија и Шпанија досега имаат одиграно пет официјални натпревари и сите досега завршиле во корист на Шпанците. Послениот од петте дуели го одигравме лани на СП во Франција, на кој Шпанците славеа со 29-25.
Денеска во Вараждин е шестата пресметка на двете репрезентации на кои заштитен знак им е црвено-жолтата боја.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА