Вардар и Шкендија во третата меѓусебна голема пресметка оваа сезона денеска од 14 часот на „Телеком арената“ во Скопје. Меч кој, со триумф на Вардар, во голема мера може да го трасира патот кон нова шампионска титула на најтрофејниот македонски клуб, или меч кој, со победа на Шкендија, дефинитивно ќе го направи првенството повеќе од возбудливо до крајот.
Двата „црвено-црни“ тима се соочуваат во 43-от меѓусебен дуел во историјата. Традицијата е на страната на Вардар ако се погледнат досегашните 42 натпревари, од кои „вардарци“ имаат 20 победи, а Шкендија е со 14 триумфи. Како домаќин, Вардар има 12 победи, шест меча завршиле без победник, а три пати триумфирала Шкендија.
Оваа сезона во двата дуели Вардар ја победи Шкендија во Скопје со 3-0 и во Тетово со 2-0. Сега избраниците на Гоце Седлоски посакуваат продолжување на победничката низа, во желбата и со седум бода предност во однос на најголемиот конкурент да се продолжи шампионската трка. Свесни се „вардарци“ дека за тоа е потребна и толку посакуваната поддршка од навивачите кои, за жал, се помалку ги има на трибините…
„Секако дека нашата цел се трите бода како и на секој натпревар. Ова ќе биде дерби кое што може да го решат моменти. Фокусирани сме и максимално подготвени за неделниот натпревар и можам да ветам дека како јас, така и сите други играчи кои што ќе добијат шанса да играат, ќе дадеме се од себе да го добиеме овој натпревар во наша корист. Посакуваме и поддршка од навивачите да дојдат на стадионот и да бидат нашиот 12 играч во недела. Убаво е кога ние фудбалерите ќе можеме да играме пред повеќе публика која што ни дава мотив за да победиме. На крајот заедно да се радуваме на уште една победа“ – вели Горан Попов.
Билетите за дерби пресметката се продаваат по 100 денари. Билетарницата на Северната трибина работи и денеска од 9 часот па се до 13:45 часот. Билети се набавуваат само со документ за лична идентификација.
Поради безбедностни причини и согласно договорот од состанокот помеѓу двата тима и претставници од МВР и ФФМ од пред неколку дена, нема да биде дозволен влез на симпатизери и навивачи на гостинската екипа.
ПМФЛ – 20. КОЛО (денеска, 14 часот)
Скопје: ВАРДАР – ШКЕНДИЈА
Кратово: СИЛЕКС – ПОБЕДА
Скопје: ШКУПИ – РАБОТНИЧКИ
Тетово: РЕНОВА – МАКЕДОНИЈА ЃП
ВЧЕРА
Охрид: ПЕЛИСТЕР – БРЕГАЛНИЦА 2-1
ТАБЕЛА: Вардар 44 бода, Шкендија 40, Пелистер (+1) 33, Работнички 31, Ренова 26, Силекс 24, Шкупи 16, Победа 16, Македонија ЃП 15, Брегалница (+1) 11 бода.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА