Вардар без повредените Борозан и Мораеш во обид да го освои Брест

Македонскиот ракометен првак, Вардар  во обид да ја прекине серијата порази во Лигата на шампионите е на гостување кај непријатниот Мешков Брест (15 часот) во дуел од деветтото коло во елитното натпреварување. Во претходните две рунди, Вардар претрпе и домашен и гостински пораз од Барселона и ја загуби позицијата на врвот од табелата во „А“ групата.

Во пресрет на оваа рунда, Вардар е во групата екипи кои се од третото до петтото место на табелата со по 10 бода. „Црвено-црните“ се петтопласирани, но и со натпревар помалку од Рајн Некар и Веспрем кои се на третото и четвртото место.

За Вардар ова ќе биде трет натпревар сезонава против Мешков Брест. Во досегашните два има половичен биланс. Загуби катастрофално на гостувањето во Белорусија во дуелот од СЕХА лигата на кој отпатува со практично младински состав и без првиот тренер. Потоа само неколку дена подоцна возврати со домашна победа во првиот меч од Лигата на шампионите.

Во овој натпревар, а и подолг период, Вардар ќе мора без повредените Вуко Борозан и Рожерио Мораеш кои ќе отсуствуваат по неколку месеци. Во составот е Оцвирк.

Се вчитува...