Актуелниот шампион на Македонија без поголеми проблеми славеше на гостувањето кај Бутел со 24-30 во натпревар од 10. рунда во ракометната Суперлига на Македонија и со тоа ја продолжи борбата со Еурофарм Пелистер за титулата.
Актуелниот шампион на Македонија го отвори натпреварот фуриозно. Буквално го решеташе голот на домашниот тим и многу брзо стигна до големи осум разлика предност (6-14). Сепак, домаќините успеаја да заиграат подобро до крајот на првото полувреме и на пауза да заминат со прифатлива негатива од четири гола (14-18).
Второто полувреме почна во егал игра. Бутелчани успеаја да се држат против големиот фаворит и по 40 минути игра се уште имаа негатива од четири погодоци 18-22. Вардарци во следниот период заиграа далеку подобро и повторно стигнаа до највисоките плус осум (18-26) со голот на Талески во 45. минута. До крајот избраниците на Владо Недановски рутински го исконтролираа мечот за конечни 24-30. Лоша вест за „црвено-црните“ е само повредата на полскиот интернационалец Чувара, кој во финишот на рацете на своите соиграчи беше изнесен од теренот.
Талески и Георгиевски со по пет гола беа најпрецизни кај победникот, додека кај поразените седум постигна Јовица Младеновски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА