Германскиот гигант Кил најверојатно ќе му биде противник на Вардар во четвртфиналето од Лигата на шампионите, откако „зебрите“ вечерва си обезбедија одлична предност од седум гола разлика на првиот натпревар против Сегед (29-22). Иако има да се играат уште 60 минути на реваншот во Унгарија, јасно е дека Кил со овој триумф е многу близу до четвртфиналето, каде ќе се сретне токму со актуелниот првак на Македонија и на Европа.
Денешниот меч мина во 40-минутна израмнета борба, за потоа во последните дваесетина минути „зебрите“ целосно да се одлепат и да стигнат до огромен триумф. Во првото полувреме ниту еден од тимовите не стигна до повеќе од еден гол предност, а на одмор се замина со израмнети 14-14. Сегед играше „егал меч“ уште десетина минути, до 19-19, за потоа да профункционира одбраната на Кил предводена од голманот Ландин. Данецот бранеше, а Германците постигнуваа голови од контри и полуконтри, разликата од минута во минута се зголемуваше, се до конечните 29-22.
Марко Вујин со осум гола беше прв стрелец на натпреварот, пет постигна Зарабец, а по четири Екберг, Дисингер и Винцек.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА