Прекрасно беше попладнево да се биде дел од спортскиот празник во Велес – гостувањето на новокрунисаниот европски првак Вардар против екипата на Борец во рамките од последното коло во ракометниот плејоф. Велешани ја наполнија салата „Гемиџии“ и ги поздравија новите европски шампиони, создавајќи прекрасен декор на прослава на „црвено-црните“, овојпат на титулата во домашното првенство. Очекувано, мечот заврши со триумф на Вардар од 28-36, што беше деветта победа на „вардарци“ во десетте плејоф-натпревари, па тимот на Раул Гонзалес поради подобриот меѓусебен скор од Металург ја продолжува доминацијата на домашната ракометна сцена.
Шампионот „мамурно“ влегоа во натпреварот по вчерашната прослава на европската круна, па оттаму велешани одлично се држеа во првото полувреме, кое заврши со резултат 14-16. На почетокот од вториот дел резултатот гласеше 20-21, за потоа „црвено-црните“ конечно да влезат во посакуваниот ритам, набрзина да си создадат удобна предност и на крајот заслужено да триумфираат со 28-36.
Така, на најдобар можен начин (пред полни трибини) беше заокружена најдобрата сезона во историјата на РК Вардар, во која „црвено-црните“ успеаја да се закитат со дури четири трофеи, во Лигата на шампионите, СЕХА-лигата, домашното првенство и во Купот на Македонија.
[new_royalslider id=”681″]
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА