Двократниот европски шампион Вардар стигна до голема победа на домашен терен против Бенфика од 33-27 во натпревар од третото коло од главната рунда во второто по ранг натпреварување на стариот континент, Лигата на Европа.
Вардарци отворија цврсто во одбраната не дозволувајќи му на противникот ниту да упати шут во првиот напад, а првиот гол на мечот беше дело на покерот Јанковски за 1-0.
За разлика од првиот меч Вардар вечерва на почетокот беше многу подобар во одбраната, но и гостите одиграа многу поцврсто па по 10 минути игра на семафорот нашиот тим имаше предност од 3-2. Во игра влезе Милан Лазаревски и веднаш се виде неговото присуство на теренот. Постигна два гола во низа за првпат плус три 5-2, по кои гостинскиот тренер мораше да го повика својот прв тајм аут. И по минутата пауза Валах продолжи да брилјира на голот на Вардар. Неговите интервенции дополнително го еруптираа вулканот во “Јане Сандански”, а неговите соиграчи во нападот го следеа па со голот на Воркапиќ од пенал во 16 минута Вардар за првпат стигна и до плус четири 7-3.
Иако Валах беше одличен на голот, големиот број технички грешки го чинеа македонскиот тим и поголема предност, а откако гостите намалија на 7-4 во 18 минута и Иван Чупиќ се одлучи да го побара својот прв тајм аут на мечот. Данските судии Паг и Тигесен во стилот на нивните постари колеги ја земаа работата во свои раце во продолжението. Судеа исклучувања за Вардар и пенали за Бенфика како на трака, па Португалците на три минути до крајот на првиот дел дојдоа на само минус еден 13-12. И покрај сето тоа Вардар остана сконцентриран и на пауза замина со позитива од 15-14.
Вардар подобро го отвори второто полувреме па во 40 минути по подолго време повторно стигна до плус три 21-18. Црвено црните продолжија и понатаму со одличната игра, па во 42 минута повторно стигнаа до највисоките плус четири 23-19 по кои тренерот на гостите мораше да интервенира со тајм аут.
Следуваше нова пожртвуваност во одбраната на Вардар која одлично беше искористена за највисоки плус седум на средина на второто полувреме 27-20.
Избраниците на Иван Чупиќ влегоа во мал проблем посебно во фазата на напад, па Бенфика по подолго време во 55 минута стигна на само минус четири (28-24) по кои и хрватскиот стратег мораше да интервенира со тајм аут.
Јака Малус врза два гола во низа за посакуваните плус шест 32-26 на две минути до крајот на мечот. Неверојатниот Малус го постигна и својот последен деветти гол на мечот за конечни 33-27.
Јака Малус со девет и Вукашин Воркапиќ со осум гола беа најефикасни во победничкиот табор, додека кај поразените Мореира постигна пет гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

