Ракометарите на Вардар многу потешко од очекувањата стигнаа до бодовите на гостувањето против Железничар, триумфирајќи со два гола разлика против еден од аутсајдерите во СЕХА-лигата (22-24). Веселин Вујовиќ добро ги имаше мотивирано нишките ракометари за пресметката со неговиот поранешен клуб, Железничар со добра игра во одбраната му ја искомпликува задачата на актуелниот првак на СЕХА, но на крајот сепак пресуди искуството на „вардарци“ кои заслужено ги освоите бодовите на овој меч.
По почетните 2-0 за српскиот вицешампион, „вардарци“ постигнаа четири гола во низа за водство од 2-4 и потоа го контролираа резултатот до самиот крај. Железничар последен пат израмни на 7-7, по што следеше нова мини-серија на „црвено-црните“. На одмор се замина со водство на Вардар од 10-12, а на стартот од второто полувреме избраниците на Парондо имаа и убедливи 11-16 и 12-17. Домашните ракометари не се предадоа, како што одминуваше времето, така ја топеа предноста на македонскиот првак, на една минута пред крајот Железничар стигна до 22-23, но сите дилеми околу победникот ги разреши Игор Карачиќ, кој во вистински момент го постигна својот прв гол на натпреварот.
Дисингер со пет гола беше најдобар стрелец на „вардарци“, по четири постигнаа Чупиќ и Криштопанс, додека на голот Милосављев имаше девет успешни интервенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА