Вардар добро се испоти за да ја победи Војводина

Вардар губи убедливо во ЛШ, но како утеха за „црвено-црните“ доаѓаат победите во СЕХА-лигата. И до нив не се стигнува лесно како некогаш, па „вардарци“ вечерва со многу мака успеаја да го скршат отпорот на Војводина и да слават во Нови Сад (33-35). Првакот на СЕХА одигра катастрофално прво полувреме во кое прими 20 гола, но за среќа потоа ја консолидираше играта, направи голем пресврт и стигна до победа со која се зацврсти на првото место во групата.

Уште од самиот старт стана јасно дека нападот на двата тима ќе функционира многу подобро од одбраната, па се редеа голови на двете страни. Вардар последен пат водеше со 4-5, потоа Војводина поведе со 8-6 и го контролираше резултатот до крајот на полувремето. Српскиот претставник во еден момент имаше предност од 19-14, на одмор се замина со 20-16, а за одбележување е дека голманите на Вардар при 20-те примени гола немаа ниту една единствена интервенција.

Второто полувреме донесе многу подобро издание на бранителот на трофејот во СЕХА, „црвено-црните“ ја стабилизираа одбраната, заиграа уште поефикасно во нападот, израмнија преку Ќосевски на 24-24, за со контранападот на Дибиров да стигнат и до водство од 24-25. Војводина последен пат водеше со 27-26, за потоа Вардар да влезе во нова серија, да направи нов пресврт и да стигне до конечна победа од 33-35.

Дибиров со 11 и Атман со 10 гола беа најефикасни во таборот на „вардарци“, додека голманите до крајот собраа пет интервенции (четири Гедбан, една Кизиќ и ниту една Гогов).

Се вчитува...