Вардар домаќин во Маџари: Каде и да игра, треба да победи

Шампионот Вардар е во мини криза, по убедливиот пораз (0-5) од Зенит во Лигата на Европа, не го победи ниту новиот прволигаш Скопје (1-1) на гости на Железарница. Покрај тоа, ја напушти и арената „Филип Втори“, затоа што смета дека е прескапо нејзиното изнајмување (н.з. чини 3.000 евра за организација на меч од домашно првенство), па денеска (15.30 часот) ќе ја пречека Ренова на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари.

Искусниот играч за врска, Никола Глигоров, смета дека Вардар треба да им се врати на победите, без разлика каде ќе игра.

„Два натпревари по ред во кусо време сме без победа. Ако поразот против Зенит не делуваше толку изненадувачки, иако истиот беше превисок, тогаш во дуелот против Скопје не планиравме и не очекувавме да освоиме само бод. Очекувавме и посакувавме три бода, но не успеавме да дојдеме до нив. Не секогаш се остварува планираното. Што е тука е, мораме да го заборавиме тој натпревар бидејќи имаме веќе нов натпревар утре кој е нова шанса за победа, за бодови. Играме на стадионот во Маџари. Условите не се како на Националната Арена, меѓутоа каде и да играме, мораме на секој натпревар да одиме на победа. Го респектираме тимот на Ренова, но сметам дека сме поквалитетни, и одиме да го добиеме овој натпревар. Ние на секој меч одиме на победа, и така ќе треба да се однесуваме, затоа што само така ќе стигнеме до нашата цел. Ќе ни недостасуваат неколку играчи како Грнчаров кој има црвен картон, потоа Брдаровски и Новак кои се повредени. Меѓутоа верувам дека оние кои ќе добијат шансата ќе дадат максимум и ќе дојдеме до победа“, изјави Глигоров во пресрет на денешниот меч против Ренова.

„Гипсарите“ во минатото коло го совладаа Пелистер со 1-0 на домашен терен, па сега ќе се обидат да го изненадат и шампионот Вардар на гости.

ПРВА ЛИГА, 6.КОЛО, ДВОЈКИ

ВАРДАР – РЕНОВА (Стадион „Борис Трајковски“, Маџари)

ШКЕНДИЈА – СИЛЕКС (Градски стадион во Тетово)

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – ПЕЛИСТЕР (Стадион „Младост“, Струмица)

ШКУПИ – СКОПЈЕ (Стадион „Чаир“, Скопје)

ПОБЕДА – РАБОТНИЧКИ (Стадион „Могила“, Прилеп)

Се вчитува...