Францускиот шампион Пари сен Жермен е клубот што е најзастапен на овој ракометен мундијал, со оглед на фактот дека „светците“ во своите редови имаат дури дванаесет ракометари кои ги бранат боите на своите национални селекции. Од нив дури седум се француски репрезентативци (Никола и Лука Карабатиќ, Абало, Омејер, Акамбре, Нарсис и Ремили), а тука се и Данците Хансен и Молгард, Хрватот Степанчиќ и Германецот Уве Генсхајмер.
Барселона е второпласирана со единаесет претставници, но би можела да го стигне ПСЖ откако Дика Мем беше дополнително повикан на мундијалот на местото на повредениот Карабатиќ. Покрај него, каталонскиот гигант го претставуваат уште и нашиот Кире Лазаров, Французите Нгесан и Сорендо, Данците Нодезбо и Андерсен, потоа Тунижанецот Ваел Жалуз и шпанските репрезентативци Виктор Томас, Гонзало Перез де Варгас, Ривера, Виран Морос и Арињо. Ова се вкупно 11 ракометари, а доколку капитенот Раул Ентрериос конечно ги мине лекарските прегледи и настапи на барем еден меч, каталонскиот гигант ќе биде рамо до рамо со ПСЖ на листата клубови со најмногу играчи на мундијалот.
Хрватскиот првак Загреб е третопласиран на оваа ранг-листа со девет играчи на светското првенство (еден од нив е и македонскиот репрезентативец Велко Маркоски), а веднаш зад него се наоѓа Веспрем со девет, па група од пет клубови чиј дел е Вардар. Македонскиот шампион има во својот ростер дури осум ракометари кои настапуваат во Франција, и тоа Столе Стоилов и Мартин Поповски од Македонија, Бразилецот Мораеш, Хрватот Циндриќ, Шпанците Канелјас и Душебајев, како и руските крила Дибиров и Шишкарев.
„Црвено-црните“ со оваа бројка се рамо до рамо со Кил, Монпелје, Фуксе Берлин и Висла.
Ако играчите се поделат по лиги, најбројна останува Бундес-лигата со 48 ракометари, но сега на второто место се наоѓа регионалната СЕХА со дури 40 играчи, пред француската со 35 и шпанската АСОБАЛ, во чии клубови настапуваат 29 ракометари на овој мундијал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА