Вардар како првопласиран ја заврши групната фаза од Лигата на шампионите, но тоа не беше доволно за „црвено-црните“ да се вбројат како главни фаворити за освојување на големиот трофеј. ЕХФ денеска ја објави својата најнова ранг-листа, во пресрет на нокаут фазата од ЛШ, на која актуелниот македонски и европски првак се наоѓа на четвртата позиција.
„Бранителите на трофејот добро се снајдоа во оваа улога во досегашниот дел од сезоната. Освојувањето на првото место во групата А им овозможи директен пласман во четвртфиналето, што значи дека Вардар е на само еден чекор до враќање на Ф4 турнирот во Келн. Тренерот Раул Гонзалес и голем број клучни играчи си заминуваат на крајот од сезонава, но претходно сите заедно ќе се обидат да испишат историја“ – се вели во краткиот опис за рангирањето на македонскиот шампион.
На првото место се уште се наоѓа актуелниот европски вицепрвак ПСЖ, а пред Вардар се уште и Барселона на Борко Ристовски и Веспрем на Дејан Манасков. Зад „црвено-црните“ од петтата до десеттата позиција на ова рангирање се Нант со Кире Лазаров, потоа Фленсбург, Кјелце, Кил, Кристијанштад и Монпелје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА