Вардар е тим со шампионски дух, Пелистер падна на испитот (фотогалерија)

Вардар дојде во Битола, го издржа „вулканот“ во „Боро Чурлевски“ и како голем победник си замина од „градот на конзулите“, со јасна порака дека е дојдено време за „превласт“ во македонскиот ракомет.

„Вардарци“ одиграа баш шампионски, со цврста одбрана и јасна визија во нападите… Валах бранеше кога во нападот не одеше најдобро, потоа во ритам влегоа Малус, маестралниот Лазаревски, а посебни пофалби заслужува и Георгиевски, кој едно од последните дерби-средби во кариерата ги одигра со дух и ентузијазам на 20-годишник. Секоја чест за Џомба.

За разлика од „црвено-црните“, „пелистерци“ паднаа на шампионскиот испит. Негативата на табелата како да беше дополнителен товар за „зелено-белите“, кои имаа извонредна поддршка од трибините, но и тоа беше недоволно за да се најде патот до победата и трката за титулата да се направи поинтересна.

Нормално, надежта умира последна и јасно е дека „пелистерци“ до последно ќе се борат за одбрана на титулата, но овој тим на Вардар тешко дека ќе испушти така голема предност.

Се вчитува...