Вардар со уште една импресивна партија и убедлива победа јасно стави до знаење дека е решен да се бори за враќање на тронот во мак-ракометот, откако во третото коло од Супер-лигата премногу лесно и убедливо го совлада Пролет со резултат 31-20. Јасно беше дека „вардарци“ се фаворити и пред овој натпревар, а леснотијата со која играа и практично го решија победникот уште во првото полувреме јасно покажува дека „црвено-црните“ се максимално сериозни во своите амбиции за новата сезона.
Уште од самиот почеток домашните ракометари наметнаа темпо кое Пролет не можеше да го следи, пред се со цврстата одбрана со која беа затворени приодите кон голот на Томовски. При водство на Вардар од 7-3 гостинскиот тренер Лембанов го зеде првиот тајмаут, а откако при 8-5 исклучен бепе Димковски следеше серија од четири гола на „црвено-црните“, за целосно резултатско одлепување и водство од 12-5. „Вардарци“ доминираа на теренот, во неколку наврати имаа и „плус девет“, а на одмор заминаа со осум гола предност (16-8).
Вториот дел мина во рутинско одржување на убедливата предност на двократниот европски шампион. Пролет намали на шест разлика на стартот од полувремето, но „вардарци“ успеаја да се вратат во ритам и преку Мело во 47. минута стигнаа до првото двоцифрено водство на натпреварот (26-16). „Црвено-црните“ ја задржаа оваа предност до самиот крај, заслужено триумфирајќи со убедливи 31-20.
Стефан Петриќ со седум гола беше најефикасен во победничкиот табор, еден помалку постигна Родригез, додека Василевски и Мајнов со по четири гола беа најпрецизни во таборот на Пролет.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА