После двете ремија во пролетниот дел од сезоната, јасно е дека Вардар и натаму е далеку од втората позиција на табелата во втората лига запад, која носи бараж за влез во Првата лига. Токму од тука челниците на „црвено-црните“ се во потрага по нов тренер, а како што дознава ЕКИПА, прв пик за тренерската клупа на „црвено-црните“ е Жикица Тасевски.
Сепак, проблематично е што Тасевски во моментов не може да направи брз „кам-бек“ меѓу црвено-црните редови, поради тоа што има важечки договор со грчкиот тим Ксанти, каде што работи како помошник на Зоран Вулиќ. Самиот Вулиќ во изјава за хрватските медиуми кажа дека е сменет ден после натпревар кој не го водел тимот поради позитивен тест на коронавирус. Тој и целиот стручен штаб сега е во судски процес со клубот.
Доколку Вардар сака Тасевски да го води клубот, ќе мора да чека исход од процесот, а колку Вардар има време за чекање во оваа ситуација, тоа е друга тема.
Тасевски беше прв тренер во Вардар во сезоната 2008/2009, а потоа ги водеше и екипите на Металург, Работнички, Силекс, па повторно Работнички па Македонија ЃП, за да на почетокот на оваа сезона замине во Ксанти.
Во моментов Вардар го води легендата на клубот Никола Глигоров, но по двете ремија во првите три кола против Охрид на гости и против Гостивар исто така на гости, „црвено-црните“ сега се во потрага на нов предводник.
Вардар во моментов заостанува пет бодови од Воска на втората позиција која носи бараж, а Силекс е веќе сигурно прв и речиси со едната нога е во втората лига.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА