Вардар гази во ЛШ, победа против Целје за лидерската позиција

Вардар се враќа на првата позиција на табелата во групата Б, по триумфот против Целје со 35-30, во натпреварот од 12.коло од групната фаза во Лигата на шампионите. Вардар ја потврди фаворитската улога и на две кола пред крај на групната фаза со девет победи е прв фаворит за лидерската позиција која носи директен пламан во четвртфиналето во Лигата на шампионите. Во преостанатите два натпревари со Кристијанштад дома и со Мешков Брест во гости, на македонскиот првак доволни ќе му бидат и три бода за да ја задржи лидерската позиција во групата.

vardar-cele.25.02 (29)

Од првата до последната минута, Вардар имаше контрола на играта и на резултатот, одигра стабилно во одбраната и максимално рационално во нападот. Вардарци сигурно го почна натпреварот, ја користеше секоја шанса и имаше целосна конктрола на играта. Веќе по девет минути игра домаќините дојдоа на солидни четири гола преднсот. Серијата од 4-0 ја отвори Иван Чупиќ со погодокот од седмерец, а потоа три гола во серија додаде Алекс Душебаев за водство на Вардар од 7-3.

Сигурната игра во одбраната на 6-0 и Арпад Штербик на голот не им оставаа многу простор на гостинските ракометари да дојдат до погодок. Но, Целје умешно ги искористи двете минути кога „црвено-црните“ беа со играч помалку по икслучувањето на Стојанче Стоилов и  со два погодоци на Блаж Јанц успеаја да намалат на 10-8 на почетокот од втората четвртина од натпреварот.

vardar-cele.25.02 (14)

По тајм-аутот на Раул Гонзалес, Вардар заигра поагресивно, ја смени одбраната во 5-1 со Алекс Душебаев напред  и со три гола во серија, од кои два ги реализира пикерот Рожерио Фереира, вардарци во 23.минута дојдоа на највисоки +6 (16-10), а на полувремето заминаа со предност од 20-15.

Односот на силите остана непроменет и во второто полувреме. Целје се обидуваше, но не успеа да најде соодветен одговор за речиси беспрекорната игра на „црвено-црните“ и да ја анулира предноста на домаќинот. Вардар играше мирно и на сигурно, зголемувајќи на 29-23, а потоа и на 31-24 на десет минути пред крај. Последните минути од дуелот беа само рутина, вардарци ја имаа контролата и ја одржува предноста, а Целје немаше сили да направи уште едно големо изненадување како тоа во претходното коло против Кјелце.

IMG_0416

Алекс Душебаев беше лидер во нападот на Вардар со осум  погодоци, по шест гола постигнаа Тимур Дибиров и Данил Шишкарев, пет погодоци додаде Игор Карачиќ. Арпад Штербик го заврши мечот со 12 одбрани. Кај Целје, најефикасен беше Жига Млакар со осум гола, Блаж Јанц  и Кристијан Бечири постигна по четири погодоци.

До крајот на групната фаза на „црвено-црните“ им остануваат уште два натпревари. Во следното коло на 4 март, вардарци му гостуваат на Мешков Брест, а во последниот натпревар, на 12 март го пречекуваат Кристијанштад.

Се вчитува...