Вардар го декласира Металург, новата шампионска титула на дофат

Вардар е блиску до одбрана на шампионската титула откако славеше убедлива победа против Металург со 38-25 и ја презеде лидерската позиција на табелата на четири кола пред крај на суперлигашкиот плеј-оф. Металург го доби првиот меч против Вардар во Автокоманда со 29-26, но во денешниот реванш во „Јане Сандански“ тимот на Лино Червар беше немоќен достојно да му парира на шампионот и го претрпе првиот пораз по серијата од пет победи. За Вардар кој е апсолутен фаворит за одбрана на шампионската титула, ова е петта победа и не би требало да има посериозен проблем да ги добие и преостанатите четири натпревари во плеј-офот. За разлика од првиот натпревар во Автокоманда, овој пат Вардар демонстрираше сигурна и супериорна игра, а отпорот на Металург беше скршен уште на средината на првото полувреме.

IMG_7990

Вардарци го отворија мечот со два гола во серија, првиот на Жоан Канељас, вториот на Игор Карачиќ на празниот гол на Металург за стартно водство од 2-0. На спротивната страна, Немања Обрадовиќ го предводеше нападот на Металург и ги држеше „металурзи“ во игра заедно со голманот Дарко Арсиќ кој во првите десет минути запиша четири одбрани. Првото изедначување на натпреварот го донесе Вања Илиќ погодувајќи од контра за 5-5 во 9.минута.

Неколку минути „металурзи“ се држеа во егал, но потоа „црвено-црните“ го засилија темпото, постигнаа четири гола во серија и прв пат дојдоа на +3 поведувајќи со 9-6 на средината од првиот дел, а брзо потоа ја зголемија предноста на 12-8 со погодокот на Данил Шишкарев на празниот гол на Металург. Лино Червар и на овој натпревар ја форсираше играта со седум ракометари во напад, но во овој дел од мечот од тоа резултатски поголема полза извлече Вардар кој во првото полувреме постигна четири гола на празен гол на Металург. А, таков погодок на Шишкарев на Вардар му донесе и прво водство со пет гола предност на 16-11 на четири минути пред крај на првиот дел. До крајот на полувремето вардарци успеаја да зголемат предноста заминувајќи на одмор со водство од 20-13.

IMG_8149

Во ист ритам вардарци продолжија и во второто полувреме и за четири минути, прв пат стигнаа и до двоцифрена предност поведувајќи со 23-13. Металург се обидуваше да се врати во игра, но домаќинот супериорно се одржуваа во убедливо водство. Со головите на Немања Обрадовиќ и на Жарко Пешевски, „сините“ ја намалија негативата за гол-два и тоа беше максимум што можеа да направат избраниците на Лино Червар покрај Вардар во вакво супериорно издание.

IMG_7959

Во последните десет минути, „црвено-црните“ влегоа со ново водство со +10 (30-20) и рутински го одиграа финишот на овој натревар со градскиот ривал. Со двоцифрена предност актуелниот шампион влезе и во завршните пет минути кога Алекс Душебаев беше прецизен за 35-24, а веќе во следниот напад Вуко Борозан донесе и највисоко водство на „црвено-црните“ со +12 (36-24). Точка на една од најубедливите победи на Вардар во дуелите со Металург стави Лука Циндриќ со атрактивен цепелин поставувајќи го конечниот резултат 38-25

Девет ракометари на Вардар се запишаа во листата на стрелците, најефикасен меѓу нив беше Тимур Дибиров со осум погодоци, а седум гола запиша Игор Карачиќ. Уште една извонредна партија на голот на „црвено-црните“ имаше Арпад Штербик со 12 одбрани. Кај Металург осум гола постигна Немања Обрадовиќ, а шест додаде Вања Илиќ. Дарко Арсиќ го заврши мечот со 11 одбрани.

Се вчитува...