Вардар го изгасна Фенерот

Македонскиот првак Вардар направи голем чекор кон пласман во групната фаза од Лигата на Европа, совладувајќи го турскиот гигант Фенербахче со 2-0 на „Телеком Арена“ во Скопје, со голот на Тигран Барсегјан во 20.минута од средбата и автоголот на Мехмет Топал во 90.минута.  Тоа е одличен старт и за новиот тренер Чедомир Јаневски, кој вчера го презеде кормилото и веднаш оствари феноменален резултат.

Големиот Фенер си заминува „изгаснат“ од Македонија, а на вардарци им преостанува да ја дозавршат работата во Истанбул, на реваншот по седум дена. Таму ќе бидат без услугите на капитенот Бобан Грнчаров, кој во самата завршница заработи исклучување поради два жолти картони. Но, и Фенербахче ќе биде без Соуза, кој исто така „поцрвене“.

Веќе во четвртата минута, прво возбудување, и тоа пред голот на Вардар. Десниот бек Шенер падна во шеснаесетникот по стартот на Демири, и за среќа, италијанскиот судија Лука Банти не покажа на белата точка.

Валбуена двапати се обиде со удари од далечина, но Гачевски беше присебен. Фенербахче наметна свое темпо и бараше водство.

Во 20.минута, Бобан Николов го испроба својот шут од далечина, но топката одлета високо над голот на Карлос Камени.

И само една минута подоцна – експлозија. Долга топка за Тигран Барсегјан, тој го надмудри вешто Шкртел, се намести на десна, и со одмерен удар го совлада голманот на Фенербахче. Вардар поведе со 1-0 против големиот ривал.

IMG_1116

Но, Фенербахче не се поколеба од примениот гол. Дирар во 28.минута упати силен удар од работ на шеснаесетникот, а Гачевски со крајни напори исфрли во корнер.

Следниот налет се случи шест минути подоцна. Потук дојде во шанса, шутираше откосо од десната страна, а Гачевски со фантастична интервенција исфрли во корнер. Во 37.минута, Туфан шутираше од 20 метри, но повторно голманот на Вардар беше смирен и успеа да одбрани. Пет минути подоцна, Соуза упати удар од 25 метри, за малку крај дирекот од голот на Вардар.

IMG_1071

Вториот дел започна со иницијатива на Фенербахче, но „светна“ контранапад на вардарци, а Барсегјан со полуволеј шутираше над голот.

По еден час игра Кочаман повлече потег. Во игра го внесе Роберто Солдадо, а тој веднаш имаше шанса, по центаршутот на Шенер од десната страна. Но, мрежата на Гачевски сепак остана да мирува.

Во 75.минута, Валбуена шутираше од слободен удар, но над голот на Вардар. Возврати Фелипе со шут од 20 метри, но и тој не беше прецизен. Две минути подоцна, одлична шанса му се укажа на Хамбарџујан, зафати волеј – удар, но ја испрати топката кај рефлекторите.

Во 81.минута, голема шанса за Фенербахче. Чаечуе продре по десната страна, уфрли во петерецот, а Туфан шутираше директно во добро поставениот Гачевски.

Во завршницата многу возбудувања. Грнчаров беше исклучен поради два жолти картони, а во судиското продолжение Мехмет Топал си постигна неверојатен автогол, и Вардар поведе со 2-0. По ова Соуза заработи црвен картон во тимот на Фенербахче.

Вардар има голема, огромна шанса да го оствари најголемиот успех во клупската историја, да влезе во групната фаза од Лигата на Европа.

Истанбул сега нека се „тресе“…

IMG_1248

ПЛЕЈОФ КОЛО – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЛИГА НА ЕВРОПА

ВАРДАР – ФЕНЕРБАХЧЕ 2-0 (1-0)

Арена „Филип Втори“. Гледачи: 20.000. Судија: Лука Банти (Италија). Стрелци: Барсегјан 21’, Топал 90’ автогол (Вардар). Ж. Картони: Грнчаров (Вардар). Црвен картон: Грнчаров (Вардар), Соуза (Фенербахче).

ВАРДАР: Гачевски, Хамбарџумјан, Грнчаров, Новак, Демири (46’ Брдаровски), Спировски, Николов, Фелипе, Блажевски (85’ Глигоров), Којашевиќ (67’ Џигаури), Барсегјан.

ФЕНЕРБАХЧЕ: Камени, Шенер (72’ Чаечуе), Топал, Шкртел, Хасан Али, Соуза, Туфан (83’ Исла), Дирар, Валбуена, Потук, Ахметхан (64’ Солдадо).

Се вчитува...