Вардар славеше рутински на гостувањето против Охрид со резултат 21-28, дуел по кој „црвено-црните“ сигурно ќе бидат загрижени за здравствениот статус на капитенот Стојанче Стоилов по повредата заработена на само неколку дена до клучниот меч за титулата против Еурофарм Пелистер. Македонскиот репрезентативец се повреди, кривејќи при напуштањето на теренот и не враќајќи се повеќе во игра, а деталните прегледи во Скопје ќе покажат за каква повреда станува збор и дали Стоилов ќе може да игра во Битола.
Првото полувреме на денешниот натпревар мина во израмнета битка дваесетина минути, за Вардар да успее да се одлепи пред заминувањето на одмор, добивајќи го овие први триесет минути со удобно водство од 11-16. Охриѓани видно мотивирани влегоа во вториот дел и со одлично издание во нападот ја истопија големата негатива, приближувајќи се на само еден гол разлика (18-19). Карапалевски ја прекина мини-серијата на домашниот тим, потоа работите во свои раце ги презеде Куни Моралес, кој со неколку погодоци ја врати удобната предност на „вардарци“, за на крај актуелниот првак да триумфира со конечни 21-28.
Моралес со седум гола беше најефикасен во таборот на Вардар, пет постигна Талески, а по четири Карапалевски и Додиќ. Кривокапиќ со шест погодоци беше најдобар стрелец на Охрид при денешниот пораз.
Вардар мора да забележи победа на неделното гостување во „Боро Чурлевски“ ако сака да се врати на врвот и да ја одбрани шампионската титула. Останува да се види дали Давид Дејвис во тимот за тој меч ќе го има Стоилов, а се очекува во екипата да се врати Тимур Дибиров, кој воопшто не беше во составот против Охрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА