Вардар е освојувач на првиот ракометен Супер-куп на Македонија, натпреварување што Ракометната Федерација на Македонија премиерно го организираше летово. „Вардарци“ попладнево на домашен терен, пред празни трибини, го пречекаа Работник од Битола (обезбеди пласман во Супер-купот како финалист на Купот на Македонија) и сосема очекувано славеа победа од 30-25.
„Црвено-црните“ разликата во квалитет ја покажаа уште во првото полувреме, кога по двете рани водства на гостите од 1-2 и 2-3, потоа Вардар целосно ја презеде контролата над играта и резултатот, па на одмор замина со убедливи 19-12. Решеното прашање на победникот му овозможи на Раул Гонзалес во продолжението да им даде шанса на дел од играчите кои вообичаено се резерви. Тоа не се одрази посериозно врз резултатот, па и покрај одличното издание на Ојлевски во редовите на Работник гостите не успеаја посериозно да се доближат, па „вардарци“ заслужено славеа со конечни 30-25.
Kај Вардар најефикасни со по четири гола беа Шишкарев, Канелјас и Кристопанс, додека прв стрелец на Работник, воедно и на натпреварот беше Ојлевски со осум постигнати погодоци, пред Чурлевски и Мајнов со по пет гола.
Ова беше успешно загревање за актуелниот европски првак пред отворањето на сезоната и претстојното гостување во Полска против Висла (в недела), додека Работник викендов го очекува првото коло од домашното првенство, во кое битолчани би требало да го пречекаат тимот на Младост Богданци, кој се соочува со огромни финансиски проблеми и неговото учество во елитното друштво е сериозно доведено во прашање.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА