Вардар се враќа во победнички ритам и во настапите во регионалната СЕХА лига по триумфот на домашен терен против Нексе со 31-26. Претходно, вардарци имаа два порази во серија од ППД Загреб и од Мешков Брест, а со оваа шеста победа се изедначија со Нексе на втората позиција со три бода помалку од водечкиот Загреб.
Вардар го почна натпреварот со „комбиниран“ состав во кој шанса во стартната постава добија неколку играчи кои вообичаено се на клупата во натпреварите од Лигата на шампионите. Првата четтвртина од натпреварот помина во изедначено темпо, вардарци ја имаа иницијативата и предност од 1-2 гола.
За одбележување во првата четвртина се трите врзани одбрани на Дејан Милосављев и првиот погодок на германскиот бек Кристијан Дисингер во дресот на Вардар за водство од 6-5.
Роберто Парондо го изротира составот и во втората четвртина на бековската линија влегоа Даинис Криштопанс и Игор Карачиќ, а Стојанче Стоилов беше на линијата и на Вардар му донесе прво водство со +3 погодувајќи за 9-6.
Најголем проблем за одбраната на Вардар беше десниот бек на Нексе, Марко Бувиниќ кој во првите дваесет минути имаше четири од четири и го држеше хрватскиот вицешампион во игра. Вардар во финишот на првиот дел, сепак успеа да се одлепи и на одмор замина со предност од 16-12.
Во првите десетина минути од вториот дел „црвено-црните“ ја задржаа оваа позитива но, потоа следуваше мал пад во играта на домаќинот: На другата страна добра серија фати голманот Михаило Радовановиќ, а Нексе реализира три гола и дојде на гол разлика (21-20)
Вардар со најдобриот состав на терен успеа да се одбрани и да се врати на посигурни +4 со погодокот на Тимур Дибиров за 25-21. Сепак, тоа не значеше и крај на неизвесноста на овој дуел бидејќи Нексе одново притисна и на десет минути пред крај ја преполови негативата. Вардарци во завршницата пропуштија неколку шанси да направат поголема разлика, но останаа во позитива и ја заверија шестата победа во СЕХА.
Дури 13 ракометари на Вардар се запишаа во листата на стрелците, а најефикасни беа Тимур Дибиров и Данил Шишкарев со по четири гола. Кај Нексе нападот го предводеа Марин Шипиќ со пет и Марко Бувиниќ со четири гола, а најзабележителен настап имаше голманот Михаило Радовановиќ со 14 одбрани.
Следен натпревар во СЕХА лигата за вардарци е дуелот со Извиѓач на домашен терен на 28 ноември, а во меѓувреме „црвено-црните“ ќе одиграат три натпревари во Лигата на шампионите, дома и во гости со Барселона (11/17 ноември) и реваншот со Мешков Брест во Белорусија (24 ноември).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА