Македонскиот ракометен претставник во Лига Европа, Вардар го очекува тежок и многу важен натпревар во 3. коло во Скопје гостува Порто во средба која можеби ќе биде пресудна за пласман во следната фаза.
Тоа добро го знае и тренерот на вардарци, Владо Недановски…
„Што се однесува до мечот со Порто знаеме колку е важен, доколку сакаме да ја поминеме групата. Во првото коло имавме добро издание пред домашна публика, а потоа во Мелсунген не беше како што посакувавме и загубивме убедливо. Тоа е веќе минато, размислуваме за дуелот со Порто, анализираме и тренираме за средбата. Тие се квалитетен тим кој десет години игра во Европа и Лигата на шампионите, а оваа година и во Лигата на Европа. Добро се покриени на сите позиции со квалитетни играчи. Свесни сме и зрели колку овој натпревар значи за Вардар. Нема штедење и размислување, една и единствена опција е победата. Предноста на Порто е тоа што играчите им се искусни во Европа, што не е случај во нашата екипа. Мора да сфатиме дека освен три-четири играчи во овој Вардар останатите се млади и играат првпат во Европа. Најголемата опасност од Порто доаѓа од среден бек, како и нивните кружни напаѓачи кои се крупни и прават проблеми. Имаат добар голман и играат брз и модерен ракомет“, изјави Недановски.
Слично размислува и Марио Танкоски…
„Не очекува многу важен натпреварот со Порто за пласман во наредната фаза на Лига Европа. Според сите нас, ова е најважниот меч за нас и единствена опција е да го добиеме. Со победа нема да бидеме сигурно во следна фаза, туку правиме голем исчекор кон следната фаза, а тоа е наша цел. Имаме шанси за да ја исполниме целта и покрај повредените играчи. Годинава немаме загубено меч во „Јане Сандански“ и се надевам дека тоа ќе продолжи така“, изјави Танкоски.
Натпреварот кој ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје е закажан со почеток во 20.45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА