Вардар го пречекува Турингер, роденденско деби на Дибирова на клупата

Ракометарките на Вардар денеска, (17.30 ч.) во „Јане Сандански“ го пречекуваат германскиот Турнигер во последниот натпревар од главната фаза во Лигата на шампионите. Вардарки веќе го имаат обезбедено пласманот во четвртфиналето од ЛШ, но овој меч може да ги врати на лидерската позиција во групата или да ги спушти едно место подолу на табелата. Македонскиот шампион моментно е на втората позиција со 13 бида, еден помалку од водечкиот ФТЦ и еден повеќе од Будуќност на третото место.

Во изминатите две недели Вардар влезе во турбулентен период. По фантастичната серија од осум победи по ред, вардарки прво дома беа поразени од Будуќност, потоа доживеаја катастрофа на гостувањето во Мец, а потоа следуваше и нова смена на клупата – Давид Дејвис се врати на својата стара позиција во машкиот тим на Вардар, а на негово место без претходно тренерско искуство, дојде поранешната руска репрезентативка, Ирина Дибирова. На еден ден пред својот 38.роденден, Дибирова денека ќе го запише своето тренерско деби. Од раководството на Вардар нагласија дека Дибирова ја има полна поддршка и дека од неа очекуваат да го врати победничкиот дух во екипата.

„Можеби е и подобро што немам претходно тренеско искуство бидејќи немам никаков притисок. Немаме време нешто многу да менуваме, но Вардар има одлични играчи. Имаме план за натпреварот, подготвени сме и треба да прикажеме добра игра“ – изјави Ирина Дибирова.

На првиот натпревар во Германија пред еден месец, Вардар го победи Турингер со 29-31. Германскиот тим е на претпоследното место на табелата, без шанси за пласман во четвртфиналето од ЛШ, но минатата недела, Германките неочекувано извлекоа реми против ФТЦ (29-29).

Турингер во добра форма ги одигра последните четири натпревари. Не треба да се залажуваме дека ќе биде лесен натпревар затоа што во групната фаза се пласирани на петото место на табелата. Имаат добра и цврста екипа, имаат повеќе интернационалки во составот, а главни играчи им се чешката ракометарка Ивета Лузумова и Италијанката Анита Нидервајзер. Тоа е екипа што игра до крај. На нивната цврста игра ќе одговориме со агресивна одбрана и ќе го оствариме тој очекуван и посакуван резултат“ – истакнува Аце Станковски кој остана на клупата на Вардар како помошник на Дибирова.

И меѓу ракометарките на Вардар владее оптимистичко расположение во пресрет на денешниот дуел. Германката во Вардар, Ања Алтхаус, добро ја познава екипата на Турнигер за која настапуваше две сезони пред да дојде во Скопје. Алтхаус очекува Вардар да се врати во победнички ритам и да ги освои бодовите на денешниот дуел пред скопската публика.

„Со нетрпение го очекуваме натпреварот. Анализиравме се што се случи и мора да играме поагресивно, да се бориме до крај, од првата до последната минута. Ние мора да ја завршиме нашата работа. Се надевам дека публиката ќе дојде да не поддржи и мора да ја подигнеме главата, да се бориме и да ги освоиме тие важни два бода“ – порачува Ања Алтхаус.

Во другите два натпревари од последното коло во групата, денеска е дербито во Будимпешта меѓу ФТЦ и Будуќност, а во во вториот дуел, Астраханочка го пречекува Мец.

Се вчитува...