По ремито во Брест, ракометарите на Вардар на второто врзано гостување во мини турнејата во регионалната СЕХА лига, славеа победа против Татран Прешов со 22-30 . За вардарци ова е 12.победа во 13 одиграни натпревари во регионалното натпреварување и прв троиумф годинава во пролетниот дел од сезоната.
Вардарци стартуваа сигурно и со двата погодоци на Тимур Дибиров дојдоа до почетното водство и до 25 минута се одржуваа во позитива. Домаќините се обидуваа да држат чекор и ефикасно да ја искористата секоја грешка на противникот. Серијата од 3-0 и двата гола во серија на чешкиот репрезентативец Јакуб Хрстка дојдоа до изедначување на 12-12.
Иако вардарци одново се вратија во минимална предност, притисокот на домаќините продолжи и во наредните минути. Татран Прешов во финишот на полувремето одново имаше напад за изедначување, но Страхиња Милиќ беше сигурен на голот на Вардар и ја одбрани минималната предност на „црвено-црните“ на полувремето (13-14).
Она што го пропушти на крајот од првото, словачкиот шампион го поправи на стартот од вториот дел и преку Леон Вучко дојде до ново изедначување на 14-14. Поангажираната игра на вардарци во наредните минути им донесоа нова предност. Тимур Дибиров го предводеше нападот на „црвено-црните“ и со третиот гол по ред во вториот дел го однесе Вардар на +3 (15-18). Солидно функционираше и одбраната на вардарци со Дибиров напред. Домаќините се потешко успеваа да дојдат до позиција за погодок, а Вардар рутински ја одржуваше предноста од 3-4 гола.
Во последните десет минути, „црвено-црните“ влегоа со предност од 19-24. Страхиња Милиќ ја запиша 11.одбрана и дополнително им ја отежна ситуацијата на ракометарите на Татран Прешов. Завршните десетина минути беа само рутина за шампионот на патот до новата победа во СЕХА лигата.
Тимур Дибиров со девет гола беше најефикасен во составот на Вардар, по пет гола запишаа Лука Циндриќ, Даинис Криштопанс и Јања Војводиќ, а Страхиња Милиќ го заврши натпреварот со 12 одбрани. Кај Татран Прешов прв стрелец беше Јакуб Хрстка со осум гола.
Следниот натпревар во СЕХА лигата, Вардар ќе го одигра на 13 февруари кога во Скопје го пречекува Целје. А, пред тоа, вардарци на 10 февруари ги очекува гостувањето кај Барселона во натпреварот од групната фаза во Лигата на шампионите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА