Вардар го промовираше Камерунецот Кларенс Битанг

Македонскиот првак Вардар го промовираше камерунскиот интернационалец Кларенс Битанг како ново засилување во средниот ред. Тој потпиша договор на 2,5 години, и веќе денеска се приклучи на екипата на тренинзите во Скопје.

„Задоволство е што сум дел од оваа екипа. Во Анталија бев неколку дена со екипата, и можам да кажам дека има квалитет. Ќе дадам сè од себе да ја оправдам довербата, и се надевам дека оваа година ќе славиме нова шампионска титула. Знам дека тимот моментално е на втората позиција, но во пролетниот дел одиме на освојување на бодови, и се надевам дека на крајот ќе славиме уште една шампионска титула“, вели Битанг за официјалниот сајт на клубот.

Битанг им се приклучи на „вардарци“ во Анталија, а сега по минувањето на медицинските прегледи, и официјално стана дел од „црвено-црниот“ тим.

„Очекувам брзо да се прилагодам во клубот, и да бидам прифатен од моите нови соиграчи. Ова за мене е нов предизвик во кариерата, и подготвен сум да дадам се од себе за доброто на клубот, и за нови успеси. Видов дека екипата играше во групната фаза од Лигата на Европа оваа сезона, и посакувам барем најмалку заедно да го повториме тој успех“, изјави Битанг.

Се вчитува...