Вардар е последниот учесник на „фајналејт турнирот“ од Купот на Македонија што ќе се одржи во Кавадарци откако „црвено-црните“ беа подобри во пресметката со Гостивар со резултат 74-69. „Вардарци“ наидоа на сериозен отпор од квалитетниот второлигаш, но сепак на крајот стигнаа до победата што им носи место меѓу најдобрите осум тима во Купот на Македонија.
Во натпревар со многу пресврти како пресудна се покажа третата четвртина што Вардар ја доби со 14-24 и повторно го сврте резултатот во своја полза. Гостиварци собраа сили за камбек и на три и пол минути до крајот водеа со 63-60, но Адекунле со седум поени во низа донесе ново водство на Вардар, па оваа пресметка заврши со нов триумф на скопскиот клуб.
Калов беше најефикасен кај Вардар со 19 поени и седум скокови, Адекумле реализираше 18 поени, 9 скока и 5 асистенции, а двоцифрен ефект имаше и Лефкоски со 13 поени. Кај Гостивар најдобри поединци при вечерашниот пораз беа Серафимовски со 15 и Димитриевски со 14 поени.
Четвртфиналните двојки во Купот на Македонија ќе бидат познати в петок, кога со почеток во 12 часот во просториите на МКФ ќе се биде извршен ждребот за натпреварувањето на турнирот во Кавадарци. Во првиот квалитативен шешир ќе се најдат двете најдобри екипи од првиот дела на сезоната во Првата лига, Работнички односно Фени Индустри, како и учесниците во АБА-лигата, МЗТ Скопје и Карпош Соколи. Во вториот шешир покрај Вардар ќе бидат уште и екипите на Кожув, Куманово, и Охрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА