Вардар го реши Мелсунген за победничко збогување од ракометна Европа

Вардар славеше со 30-29 над германски Мелсунген во последното коло од групната фаза од Лигата на Европа, триумф што за жал нема преголемо значење бидејќи „црвено-црните“ уште пред две рунди ги загубија шансите за пласман во следната фаза од ова европско натпреварување. Победата секако ќе биде исклучително важна за атмоферата, ако се знае дека под водство на новиот тренер Милано „вардарци“ пред неколку дена му го нанесоа првиот пораз на Алкалоид, а вечерва го земаа и скалпот на силниот германски бундеслигаш.

Мелсунген отвори со рано водство од 1-3, но Вардар имаше одговор и македонскиот вицепрвак набрзина го сврте резултатот во своја полза, преку Коиј поведувајќи со 6-4. Холанѓанецот Коиј беше прецизен и кон средината на првото полувреме, кога по неговите погодоци „вардарци“ имаа и по три гола предност (10-7 и 11-8). Разликата меѓу два и три гола за Вардар беше одржувана се до 15-12, кога гостите од Германија се разбудија и набрзина влегоа во мини-серија, преку Баленсијага израмнувајќи на 15-15, а нешто подоцна и поведувајќи со 15-16 со погодокот на Кастенинг.

Крсманчиќ постигна два гола до крајот на полувремето за Вардар и на одмор се замина со израмнети 17-17, за вториот дел да почне со израмнета игра. Мелсуген последен пат водеше 22-23, но Вардар имаше одговор за сите оружја на Парондо на овој натпревар. Нападот функционираше одлично, на голот блесна Еспиња и помогна „црвено-црните“ резултатски да се одлепат. Пинто постигна важен гол за водство од 28-27, се надоврзаа и Крсманчиќ и Хорига, по што Вардар успеа да се одлепи и повторно да поведе со плус три (30-27). Мелсунген намали на 30-29, но следеше нова мини-серија на македонскиот вицешампион и заслужена победа на „црвено-црните“.

Ларс Коиј со осум гола беше прв стрелец на Вардар, пред Крсманчиќ со шест и Хорига и Маргели со по четири погодоци, а одличен беше и голманот Еспиња со 15 успешни интервенции.

Вардар го освои третото место во групата, зад Мелсунген и Порто, со скор од две победи, едно реми и три порази во оваа сезона во ЕХФ-лигата на Европа.

Се вчитува...