Вардар испиша нови страници во историјата на СЕХА-лигата, откако „црвено-црните“ со денешниот триумф над Нексе (29-25) станаа тим со најдобар скор во една сезона од регионалното ракометно натпреварување. Тимот на Раул Гонзалес со ова стигна до фантастичен скор од 17 победи и едно реми во регуларниот дел од сезоната, уривајќи го досегашниот рекорд на Веспрем за најмногу освоени бодови и најмногу победи во една сезона од СЕХА (унгарскиот гигант во својата најдобра сезона имаше скор 16-2).
Актуелните европски шампиони го контролираа резултатот во првата половина од првото полувреме, кога ја одржуваа предноста од два гола (4-2, 5-3, 6-4, 7-5, 8-6). Потоа Нексе заигра далеку поефективно со тактиката „седум на шест“, со играч повеќе создавајќи му огромни проблеми на Раул Гонзалес. Гостите од Хрватска пред крајот на полувремето поведоа со 9-10, за со голот на Лебан во самиот финиш на одмор заминаа со минимална предност од 10-11.
На стартот од вториот дел Нексе поведе и со „плус два“ (11-13), но Вардар успеа да ја консолидира одбраната, па со два брзи гола преку Циндриќ и Криштопанс израмни на 13-13. Се водеше израмнета битка, но квалитетот беше на страната на актуелниот европски првак, па „вардарци“ во 40. минута поведоа со 18-16, користејќи ги се почестите грешки во нападот на гостинскиот состав. На десет минути до крајот Вардар за првпат на натпреварот дојде до „плус три“, откако Циндриќ реализираше во празна мрежа за 24-21.
Гостинскиот тренер побара тајмаут, а потоа Нексе успеа да се врати приближувајќи се на 25-24. Сепак, Дибиров и Циндриќ погодија во клучните моменти, па Вардар ја осигура победата изразена со конечни 29-25.
Циндриќ со седум и Чупиќ со пет гола беа најефикасни кај „вардарци“, на чиј гол одличен беше Милиќ со 14 успешни интервенции.
Воедно, веќе е јасно и кој ќе биде ривалот на Вардар во полуфиналето од Ф4 турнирот што следниот месец ќе се одржи во Скопје. Тоа ќе биде белорускиот првак Брест Мешков, кој дефинитивно ќе ја заврши сезонава на четвртото место по денешниот пораз на домашен терен од Горење од 32-33.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА