Вардар го совлада Тинекс Пролет за победнички старт на плејофот (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Вардар го започна ракометниот плејоф со победа од 30-23 против Тинекс Пролет. „Црвено-црните“ кои важеа за фаворит на денешната средба во поголемиот дел од мечот имаа предност, одолеваа на налетот на гостите, а клуч за победата беше серија од 6-0 на средината од второто полувреме кога стигнаа до висока предност и истата не ја испуштија до крајот.

Вардар успеа да го наметне своето темпо уште на отварањето на натпреварот и да поведе со 5-2, но Тинекс Пролет не дозволи ран резултатски заостанок. Гостите одговорија со своја серија за изенадчување, а израмнетиот ритам продолжи и во поголемиот дел од првото полувреме. Сепак завршницата им припадна на „црвено-црните“ кои преку Јан Чувара на одморот заминаа со предност од 17-14.

Тинекс Пролет успеа да ја врати резултатската неизвесност во воведот на второто полувреме преку Андоновски, но и Вардар навремено ги консолидираше своите редови. Шампионот заигра во претпознатливото темпо па ја задржа предноста на своја страна, а продолжи и во ист ритам до крајот. Серија од 6-0 донесе предност од 27-19 со што беа решени дилемите за победник за мирен финиш на мечот.

Чувара со 13 гола беше лидер на Вардар, а по четири додадоа Карапалевски, Талески и Ќосевски. Со пет гола кај Тинекс Пролет најрасположен беше Василевски, додека по четири гола запишаа Крстески и Андоновски.

 

Се вчитува...