Вардар го возврати ударот откако актуелниот првак славеше на денешното гостување против Еурофарм Пелистер (23-26), враќајќи се на чело на табелата за огромен чекор кон нова титула во мак-ракометот. „Црвено-црните“ во драматичен дуел успеаја да слават поради подобрата игра во последните десетина минути, кога нивното искуство пресуди, да ги казнат грешките на противникот и да го изгаснат „вулканот“ од битолската публика во „Боро Чурлевски“. Битолчани имаат за што да жалат, бидејќи и покрај фантастичната поддршка од навивачите не успеаја да ја исполнат големата заедничка желба, по 17 години пауза да го вратат шампионскиот пехар во „градот на конзулите“.
Мечот почна со израмнета игра на двете страни, Бабиќ стартуваше со Танкоски на местото на повредениот Периќ, додека Дејвис го избра Додиќ како замена за Гаџа. Влогот беше огромен, што придонесе да дојде и до грешки на двете страни, па првите десетина минути минаа во израмнета игра во која ниту еден од тимовите не водеше со поведе од еден гол разлика. Како што одминуваше времето така Вардар се ослободуваше од притисокот, па благодарение на цврстата одбрана „црвено-црнитее“ се одлепија и поведоа со 6-9, со головите на Гоце Георгиевски и на Моралес.
Серијата на Вардар со гол од пенал ја прекина Мандалиниќ, но Дибиров возврати на спротивната страна со прецизен седмерец во мрежата на Секељи. „Вардарци“ промашија и напад за „плус четири“ при 7-10, по што Пелистер е врати, па со три гола успеа да израмни на 10-10 откако Радовиќ биеше прецизно во мрежата на Томовски. Бабиќ зеде тајмаут пред самиот крај, но Додиќ го постигна првиот гол по минутата одмор, пред Обрадовиќ во последните секунди да погоди за 11-11, најавувајќи супер-драма во вторите 30 минути.
Стартот на второто полувреме мина во знакот на гостите од Скопје, кои набрзина стигнаа до „плус два“, по пеналот што го одбрани Борко Ристовски. Битолчани одговорија на витсински начин, експресно се вратија резултатски, па петнаесетина минути се играше „гол за гол“. Дејвис го уфрли Ристовски на голот при 17-17 на местото на Томовски, а при 19-19 Дибиров не реализираше пенал за Вардар.
Талески блесна во важен момент, со асистенција до Георгиевски и потоа со свој гол носејќи водство од 19-21. Маџовски промаши зицер при 2о-21 за битолчани, но откако Стоилов го погоди дирекот, на спротивната страна Обрадовиќ донесе израмнување за „пелистерци“. Домаќините за момент поведоа со 22-21, но Стоилов одговори со два гола на спротивната страна и ново водство на Вардар, овојпат со минимални 22-23. Танкоски не успеа да го совлада Ристовски, по што Моралес биеше прецизно и Вардар на три минути до крајот имаше предност од два гола (22-24). Бабиќ побара тајмаут, но веднаш потоа Мандалиниќ му ја подари топката в раце на Георгиевски. Моралес погоди за 22-25, пред Обрадовиќ да реализира за 23-25 и исклучување. „Црвено-црните“ сепак знаеја како да ја задржат предноста до самиот крај, за конечни и враќање на првото место на табелата.
Куни Моралес со девет гола беше најефикасен во победничкиот тим, шест погодоци постигна Филип Талески, додека на спротивната страна Обрадовиќ со пет и Граџан со четири гола беа најефикасни кај Еурофарм Пелистер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА