Вардар триумфираше во вечното дерби на македонскиот ракомет против Е. Пелистер откако „црвено-црните“ апсолутно заслужено ги освоија бодовите славејќи со 27-24. „Вардарци“ доминираа од почеток до крај, битолчани за момент се разбудија во второто полувреме, но слично како и во Супер-купот со Алкалоид немаа сили за целосен камбек, па апсолутно заслужено со наведнати глави го напуштија теренот во СЦ „Јане Сандански“.
„Пелистерци“ на прв поглед се обидоа со нешто поагресивна одбрана, но Вардар лесно го наоѓаше патот до мрежата на Митревски. Битолчани почнаа и да брзаат во нападот, а „црвено-црните“ го искористија тоа за да поведат со два гола (4-2). Еспиња одлично го отвори мечот со неколку интервенции, помагајќи со пеналот на Срдановиќ „вадарци“ да дојдат и до 5-2 во раната фаза од дербито. Митревски со две одбрани во низа за момент го запре налетот на домаќините, но доминантното прво полувреме го продолжи и Маргели, кој во 16. минута го постигна својот четврти гол за предност на Вардар од 8-5. Вуко Борозан својот прв гол го постигна од место од девет метри, за прва предност „од плус четири“ за Вардар, по што Ангеловски при 9-5 го побара првиот тајмаут на натпреварот.
Советите на вродија со плод, домаќинот поведе и со 11-6, резултат при кој Ангеловски се реши за смена на голманската позиција и влегување на Ивиќ на местото на Митревски. Ситуацијата на теренот не се промени, „пелистерци“ се мачеа да најдат лек за одличната игра во дефанзива на Вардар, „црвено-црните“ го контролираа резултатот и на одмор заминаа со 15-11. Нападот на шампионот делуваше подобро на стартот од второто полувреме, но Вардар возвраќаше на спротивната страна и ја одржуваше предноста на четири гола (19-15). Во 38. минута исклучен беше Лазаревски по една долга судиска консултација и ВАР-анализа по стартот врз Хосни, битолчани продолжија да ги реализираат своите напади и преку Кузмановски дојдоа на „минус два“ (20-18).
Никола Митревски влезе во ритам кога беше најзначајно, па Радивојевиќ реализираше седмерец на спротивната страна за 20-19, по што Недановски побара тајмаут во 44. минута. Гоце Георгиевски ја запре мини-серијата на гостинскиот состав, а Недановски се реши и за голманска смена, уфрлајќи го Гогов на местото на Еспиња, кој немаше одбрана во второто полувреме. Николиќ презеде одговорност во нападот на Вардар со два гола, а во вистински момент за неговиот тим првиот гол на дербито го постигна Томи Јагуриновски, за водство од 24-21 на помалку од девет минути до крајот. Следеше и гол од контранапад на Георгиевски, по што Ангеловски го побара последниот тајмаут при негатива на неговиот тим од четири гола (25-21).
Следеше намалување на 25-22, а клучен момент беше одбраната на Еспиња при пеналот на Радивојевиќ, Португалецот неколку минути подоцна одбрани уште еден седмерец, по што Вардар заслужено го доби овој дуел со конечни 27-24.
Срдановиќ со осум гола беше клучен играч на овој натпревар, пет постигна Гоце Георгиевски, а четири Маргели. На спротивната страна, најефикасни кај битолчани беа Кузмановски со осум и Хосни со четири гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА