Вардар гостува во Гостивар: Без калкулации, „црвено-црните“ одат по три бода

Во новото, шесто коло од Прва МФЛ, Вардар заминува на тешко и пред сè неизвесно гостување кај новиот прволигаш Арсими, меч закажан во Гостивар со почеток во 15.30 часот.

„Црвено-црните“, поради специфичната ситуација во Скопје, одработија мини-подготовки во Охрид. Избраниците на тренерот Гоце Седлоски имаат императив да освојат три бода, бидејќи со игрите и резултатите во изминатиот период самите си го наметнаа тоа. Едноставно, победа е единствената опција за Вардар.

„Денеска нема да биде лесно. А каде е лесно? Секогаш кога гостува Вардар, противникот е максимално мотивиран и сака да освои бодови. Тоа не е случајно. Вардар е инспирација за секого, но најмногу за нас, оние кои го носиме неговиот дрес. Секако дека единствена опција е победа и три бода. До нив ќе стигнеме исклучиво со пристап на највисоко ниво, 100% влегување во мечот од првата минута и концентрација до последниот свиреж. Сигурен сум дека противникот би ја искористил секоја наша грешка доколку му ја дозволиме. Против Македонија Ѓ.П. во изминатото коло на домашен терен одигравме тежок меч, а овој ќе биде уште потежок. Арсими има добар старт на шампионатот. Но, ние сме Вардар, а самото тоа кажува многу за нас“, изјави Давор Талески, голманот на „црвено-црните“.

Се вчитува...