Вардар и формално ја заврши годината, младинците поразени од Нексе

Со убедлив пораз од 42-26 од Нексе, бранителот на титулата во СЕХА лигата, Вардар го заврши прелиминарниот сегмент од регионалното натпреварување. На средбата во Хрватска, „црвено-црните“ беа со младинскиот тим предводен од Столе Петрушевски.

Со серија од 6-0 во воведните десетина минути од вторто полувреме, Нексе го скрши отпорот на младинците на Вардар и во 40 минута поведе со 23-14. Во овој дел тимот на Вардар не успеа да постигне ниту еден гол и затоа домаќините ја дополнија со девет предноста од четири гола што ја имаа на полувремето (18-14). Во продолжението од второто полувреме, Нексе ја зголемуваше предноста и дојде до четвртата сезонска победа и е на петтото место во групата А. Во осминафиналето ќе вкрсти со Еурофарм Пелистер.

Дејан Кукуловски со седум гола беше прв стрелец во македонскиот состав, по четири постигнаа Мартин Карапалевски и Ален Ќосевски.

За Вардар овој дуел немаше резултатско значење со оглед дека во претходната рунда го потврди првото место на табелата по групниот сегмент. Завршува со 24 бода и вкупен биланс од осум победи и два пораза. Има директен пласман во четвртфиналето, а за во оваа фаза го чека подобриот од дуелот токму меѓу Еурофарм Пелистер и Нексе.

Се вчитува...