Во последниот натпревар пред својата публика за оваа година, Вардар вечерва (20.45 ч.) во СЦ „Јане Сандански“ го пречекува Металург во македонското дерби од регионалната СЕХА лига. Овој, вкупно, 13.меѓусебен дуел на двата македонски ривали во регионалнатото натпреварување, ќе има и хуманитарен карактер, средствата од влезниците ќе бидат наменети за лекувањето на средношколецот Борче Јовановски кој има потреба од итна трансплантација на косекената срж. Двата клуба ја поддржаа акцијата и ги повикаа навивачите да купат влезници и да помогнат.
Дуелите меѓу Вардар и Металург секогаш предизвикуваат голем интерес, па дури и во ситуација како сега кога односот на силите е изразито на страната на домаќините. Вардарци сезонава имаат фантастична серија од 19 натпевари без пораз, десет во Лигата на шампионите и максимални девет од девет во СЕХА лигата. Реално очекуваат оваа серија да продолжи и во денешниот меч и со победа да ја заокружат шампионската 2017 пред својата публика.
„Очекувам добар натпревар пред многу навивачи. Ние сме лидери на табелата и фаворити, но мора тоа да го докажеме и на терен. Дуелот меѓу Вардар и Металург секогаш е дерби и не гледам причина да не биде така и вечерва“ – истакна тренерот на Вардар, Раул Гонзалес.
Вардар и Металург досега имаат одиграно 12 меѓусебни натпревари во регионалната СЕХА лига. Во осум од нив победа славеле „црвено-црните“, две победи има Металург, а два натпревари завршиле без победник. Во првиот дуел на стартот од сезоната во СЕХА, Вардар во гостинска улога го победи Металург со 23-32. За тимот од Автокоманда ова ќе биде уште еден голем предизвик во сезоната во која резултатите им се далеку под посакуваното ниво. Во девет одиграни кола во СЕХА, „металурзи“ имаат само три победи наспроти шесте порази.
„Дербито против Вардар секогаш е огромен мотив за нас и очекувам да биде тензично и овој пат. Јасно е дека тие се фаворити со оглед на се, но ние веруваме во нашите момци. Мора да бидеме максимално мотивирани и форкусирани и да одиграме во силно темпо од почеток до крај, ако сакаме да ги изненадиме“ – нагласи тренерот на Металург, Александар Јовиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА