Во првата меѓусебна пресметка на двата македонски претставници на стартот од новата сезона во регионалната СЕХА лига, Вардар вечерва (20.45 ч.) во СЦ „Јане Сандански“ го пречекува Металург. Двата клуба се договорија за промена на домаќинството поради проблемите што ги имаат „металурзи“ со настапот во СЦ „Борис Трајковски“, па наместо „металурзи“ домаќини на првото македонско дерби во новата сезона во СЕХА, ќе бидат вардарци.
Ова ќе биде втора пресметка на скопските ривали по натпреварот од Супер Купот во Струга на кој Вардар славеше убедлива победа со 33-24.
Вардар и во овој дуел ја има улогата на фаворит иако „црвено-црните“ во новата сезона стартуваат со значително изменет состав без седум играчи од ланскиот ростер и со промена на клупата на која Роберто Парондо го наследи Раул Гонзалес. Македонскиот шампион на стартот од сезоната се соочува и со серија проблеми во составот во кој недостасува уште еден голман, а се дополнителен проблем се повредите на дел од играчите. Вон строј до декември ќе биде капитенот Стојанче Стоилов, а поради повреда поголем дел од подготовките пропушти Игор Карачиќ.
„Веќе игравме со Металург во Супер Купот, но тоа е зад нас. Ситуацијата во која се наоѓаме не е најдобра, неколку наши клучни играчи се повредени, но сезоната стартува и ние мора да бидеме подготовени. Стоилов ќе биде надвор од терен 2-3 месеци, Борозан има повреда на коленото, Карачиќ добро се опоравува и веќе е во натпреварувачки ритам. Имаме три натпревари во СЕХА лигата пред стартот на новата сезона во Лигата на шампионите и целта е да ги искористиме овие дуели за да се подготвиме на најдобар начин и да победиме, секако“ – истакнува тренерот на Вардар, Роберто Парондо.
Вардар во вечерашната пресметка со Металург на своја страна го има домашниот терен, но и статистиката. Во меѓусебните дуели со Металург во СЕХА лигата, „црвено-црните“ имаат десет победи од кои шест во серија во последните шест дуели. „Металурзи“ имаат две победи, а последната победа против Вардар во СЕХА датира од пред пет години (22-21).
Што се однесува до промените во тимот и Металург во новата сезона стартува со изменет состав и со смена на клупата која летово ја презеде Данило Брестовац. Од најавените странски засилувања, дефинитивно отпадна белгискиот среден бек, Арбер Ќерими, а неизвесен е настапот на Андрија Миличевиќ и на Предраг Мијатовиќ.
Тренерот Данило Брестовац сепак, најавува максимална борбеност од младиот состав на Металург и обид успешно да му парира на Вардар.
„Вардар е несомнено, фаворит во овој дуел. Нашата цел е да одиграме најдобро што можеме во текот на целиот натпревар и да се обидеме да бидеме конкурентни во сите аспекти на играта. Создавањето на млад, борбен и конкурентен тим ќе биде нашата главна цел во следните три сезони. Ќе се обидам да наметнам малку поразличен начин на игра во нападот и одредена доза на агресивност во одбраната“ – најави тренерот на Металург, Данило Брестовац.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА