Живко Мукаетов јавно ги повика челниците на РК Вардар и на Еурофарм Пелистер, за двата најквалитетни македонски клубови да се приклучат во Супер-лигата од наредната сезона.
Уште на минатото собрание беше изгласано дека овие клубови ќе се вклучат во елитното друштво од сезоната 2021/22, одлука што би требало да биде потврдена во наредниот период.
„Јас би апелирал до челниците на Вардар и на Пелистер, да размислат добро за да не им се случи она што им се случи годинава, да имаат долги периоди без одигран натпревар. Нека размислат колку ќе им беше подобро да имаа домашни средби, како подготовки за предизвиците во европските купови. Од една страна ние сме тука и гарантираме добро натпреварување, покажавме и докажавме дека сме подготвени да организираме безбедно натпреварување. Од друга страна, Вардар и Пелистер да размислат дали ќе ни веруваат на нас, или ќе се крстат во некоја црква во која минаа долги месеци без ниту еден меч. На крај сепак ќе седнеме, ќе најдеме форма за доброто на македонскиот ракомет, но мораме пореално да гледаме на целата ситуација. Да не дојдеме и во следната ситуација во септември, октомври, ноември да се играат натпревари, а другите наши клубови да чекаат на европски средби за да се најдат на терен. Покажавме дека знаеме, дека можеме, гарантираме дека без оглед на здравствената состојба пак ќе се игра ракомет низ Македонија, а на тие клубови е да решат чиј концепт ќе прифатат“, изјави Мукаетов.
Претседателот на РФМ го постави 15 март како рок во кој ќе биде донесен заклучок што ќе биде доставен до Управниот Одбор, на кој ќе се реши за вклучувањето на Вардар и Еурофарм Пелистер, но и за иницијативата на дел од клубовите за намалување на бројот на суперлигаши што ќе испаднат од елитното друштво од шест на две екипи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА