Комесарот за натпреварување при КФСМ, Александар Милојевиќ ги изрече казните за инцидентот по натпреварот меѓу Вардар и Шкупи во Првата македонска кошаркарска лига.
Како што е познато, веднаш по крајот на натпреварот изби физичка пресметка меѓу членови на стручните штабови на двата тима и кошаркарите. Поради сето тоа Вардар и Шкупи се казнети со вкупна парична казна од 195.000 денари, а суспензии добија тренерот на Вардар, Александар Јованчев и кошаркарот на „вардарци“, Филип Најков, како и помошниот тренер на Шкупи, Фаик Мифтари и претставникот на клубот, Валон Деари.
КК Вардар ќе плати вкупно 120.000 денари. Тренерот Јованчев е казнет со 50.000 денари и суспензија од два натпревари поради напад на службено лице од противничка екипа, а поради истите причини казнет е и кошаркарот Најков исто така со 50.000 денари и суспензија од два натпревари. Вардар, пак, е казнет со 20.000 денари поради лоша организација и ќе мора да игра еден натпревар на домашен терен без публика.
КК Шкупи, пак, ќе мора да плати вкупно 75.000 денари. Претставникот на клубот Деари поради физички напад е казнет со 50.000 денари и два натпревари суспензија, а Мифтари доби казна од 25.000 денари и еден натпревар суспензија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

