ЕКИПА во Будимпешта,
Билјана Б.Петрушева, Игор Паневски
Ѓер е тимот што успеа да се искачи на тронот на ракометна Европа, откако во супердраматичното финале славеше над Вардар со минимални 31-30, дури по продолженија од два пати по пет минути. „Вардарки“ одиграа фантастичен натпревар, со неверојатен карактер се вратија откако беа отпишани по слабото прво полувреме. Сепак, на крајот пресуди нешто поголемото искуство на противничките, како и чудниот критериум на судијките од Данска, кои им дозволија на ракометарките на Ѓер повеќе од 50 секунди да ја чуваат топката во свои раце при последниот напад.
По трите полуфиналиња и трите бронзи во ЛШ во претходните сезони, Вардар во својот четврти настап по ред на завршниот турнир во ЛШ стигна еден чекор напред и го оствари сонот да игра во европско финале, но не го отсонува до крај во Скопје да се врати со шампионска титула, нешто што досега му успеа само на Кометал Ѓорче Петров пред цели 15 години.
Финалниот дуел на двете најдобри екипи во Европа донесе брз, допадлив ракомет, со многу атрактивни потези и убави голови. Јованка Радичевиќ го постигна првиот гол на финалето на Ф4 за почетно водство на Вардар. Но, Ѓер брзо ја презеде иницијативата. Вардарки се обидуваа со длабока зона да ги сопрат бековите на Ѓер, но унгарскиот шампион најде одговор создавајќи простор и игра за крилата кои ефикасно реализираа. Во првите седум минути Анита Горбиц од крило постигна три голка, а Ѓер со серија од 3-0 поведе со 7-5.
Ина Суслина ја замени Амандин Лејно на голот на Вардар и со неколку успешни одбрани го држеше македонскиот шампион во игра. Александра Лакрабер во десетата минута биеше прецизно изедначувајќи на 6-6. Изедначено, гол за гол се играше и во наредните минути до последното изендачување на 10-10 на средината од првиот дел. По еден незгоден страт на противничките ракометарки, Андреа Лекиќ, која ја имаше стартната позиција на среден бек, седна на клупата, а на плејмејкерската позиција ја замени Татјана Хмирова. Но, Русинката во овие минути не се снајде најдобро. Се изгуби течноста и бризната во нападот на Вардар, а Ѓер ефикасно ја казнуваше секоја грешка.Новата серија од 4-1 во финишот на првотио полувреме одново го донесе Ѓер во резултатска предност и во надредена позиција на терен со водство од 15-12 на крајот од првиот дел.
Во исто силно темпо почна и второто полувреме. Едуарда Аморим Талеска ја зголеми предноста на Ѓер веќе во првиот напад. Вардарки се обидуваа да држат чекор, но сигурната одбрана не Ѓер не им остави многу простор да дојдат во чиста позиција за реализација. За разлика од полуфиналето, овој пат Вардар ги немаше ни голамните во препознатливото издани. По Лејно и Суслина, тренерскиот тим на клупата на „црвено-црните“ се реши да и даде шанса и на Мајса Песоа, но ни таа не блескаше премногу наспроти разиграните ракометарки на Ѓер, поддржани од гласната унгарска публика од полните трибини во „Ласло Пап Арена“. На спротивнмата страна Ѓер ја имаше расположената Кари Гримсбо која беше на вистинското место кога најмногу му требаше на унгарскиот тим.
Во последната четвртина од финалето, Ѓер влезе со предност од 20-18, но и со играч помалку по исклучувањето на Асма Елгауи. Вардарки добија шанса и во првиот напад ја искористи Пенезиќ намалувајчи на гол разлика 20-19. Но, одбраната на „црвено-црните“ немаше решение за Нике Грот која поентираше од шест метри. Неизвесноста ја задржа Александра Лакрабер со 20 гол за Вардра од семдерец (21-20). Надежите на Вардар во финишот ги крена Ања Алтхаус која постигна четири гола во серија и поентираше за ново изедначување на 24-24 на осум минути до крај. Едуарда Аморим Талеска направи пробивање во нападот на Ѓер, а Вардар со играч помалку по исклучувањето на Човиќ доби шанса да го преземе водството на пет минути пред крај. Но ударот на Радичевиќ за несреќа заврши во дирекот на голот на Ѓер. На спротивната страна брзо казни Томори, но тука беше Андреа Лекиќ за ново изедначување на 25-25 и инфарктна завршница на големото финале. И одново Горбиц беше среќната рака за Ѓер. Искусната капитенка погоди од седум метри (26-25), а Гринзбо го одбрани ударот на Лакрабер за изедначување. Како дополнителен проблем за Вардар во последните минути дојде исклучувањето на Пенезиќ.
Лејноо го одбрани обидот на Гербич, по што Мавсар погоди за израмнување на 26-26 на помалку од една минута до крајот. Мартин зеде тајмаут, но Нора Мерк направи пробивање, па „вардарки“ го добија последниот напад. И повторно како и на крајот од првиот дел се одигра без план, па Лекиќ имаше последен шут што заврши во живиот ѕид.
„Црвено-црните“ требаше да имаат мала психолошка предност поради големиот камбек, но на теренот се случи спротивното, Ѓер тргна супериорно и набрзина поведе со 29-26. Мавсар по повеќе од три минути игра ја прекина серијата на противникот, а Андреа Лекиќ со прекрасен гол со самиот звук на сирената намали на 29-28 по првото продолжение.
„Вардарки“ го имаа првиот напад и ја загубија топката, по што непотребно тргнаа во пресинг во одбраната, а Кнедликова ги казни со гол за 30-28. Лекиќ повторно блесна, изнудувајќи пенал и исклучување на Ивет Брох. Лакабрер го реализираше седмерецот за 30-29, но францускиот десен бек во следниот напад изреагира почетнички, правејќи пробивање во ситуација со играч повеќе. Нора Мерк го казни тоа и постигна значаен погодок за 31-29, на нешто повеќе од една минута до крајот.
Пенезиќ изнуди уште еден пенал, Лакрабер повторно беше прецизна, но Ѓер го имаше финалето во своите раце. За разлика од второто полувреме, овојпат Унгарките одиграа потрпеливо, оставија времето да истече и на крајот славеа со 31-30, користејќи ја пасивноста на данските судијки кои предоцна ја пренаа раката предупредувајќи на „пасива“.
Алтхаус и Лакабрер со по шест гола беа најефикасни во редовите на македонскиот шампион, по четири погодоци постигнаа Радичевиќ, Лекиќ и Пенезиќ, додека најдобар стрелец на новиот европски првак беше Горбиц со седум гола.
Ѓер ја слави новата титула, додека Вардар во историското прво финале покажа и квалитет и карактер, но за жал не успеа да се искачи на врвот на Европа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА