Со веќе обезбедено прво место во групата и директен пласман во четвртфиналето од Лигата на шампионите, ракометарите на Вардар денеска (17.30 ч.) во „Јане Сандански“ го пречекуваат Кристијанштад, во последниот натпревар од групната фаза. Резултатски независни, „црвено-црните“ денеска ќе играа за престиж и за чест пред домашната публика. За шведскиот тим пак, ова е натпревар во кој може да изборат место во Топ 16 во Лигата на шампионките. За да го обезбеди шестото место во групата кое носи пласман во осминафиналето, на Кристијанштад од денешниот дуел со Вардар му треба победа или најмалку бод. Во третиот случај, ако победи Вардар, тогаш во следната фаза од ЛШ како шестопласиран во групата оди ППД Загреб.
„Ние сме први без разлика на се. Професионалци сме и должни сме и пред себе и пред навивачите, оваа фаза да ја завршиме со победа. Сериозно го сфаќаме Кристијанштад и сакаме оваа фаза да ја завршиме со победа“ – рече капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов во најавата пред натпреварот со Кристијанштад.
Швеѓаните исто така се свесни за силата и за квалитетот на Вардар, посебно кога игра на домашен терен. Истакнувајќи дека тоа е еден од најсериозните кандидати за годинашниот Ф4 турнир во Келн, од Кристијанштад сепак, се подготвени да се борат за тој бод што им недостасува за историски пласман во осминафиналето на ЛШ. Победата против актуелниот европски шампион Кјелце во претходното коло на Швеѓаните им дава дополнителна самодоверба пред денешниот важен меч со Вардар.
„Факт е дека ние никогаш не сме го победиле големиот тим од Македонија, но во тоа гледаме дополнителен предизвик. Во недела нема што да загубиме, а може многу да добиеме. За нас се се решава во последниот натпревар. Тешко е однапред да се предвиди како ќе заврши овој дуел. Но, никој однапред не предвидуваше ни дека може да го победиме актуелниот европски шампион Кјеце, па се случи тоа. За победа во Скопје ни треба да ја повториме играта од овој меч. Со стабилна и цврста игра во одбраната и со брилјантен голман имаме шанси и може да успееме и во Скопје“ – стои во најавата за денешниот меч со Вардар, објавена на официјалниот клупски сајт на Кристијанштад.
Во првиот натпревар со Кристијанштад во Шевдска, Вардар славеше со 23-28. „Црвено-црните“ беа поуспешни од шведскиот тим и во двата натпревари од минатата сезона, тогаш во гости победија со 25-30, а на реваншот во Скопје беше 38-36.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА