Вардар има 10 дена, а газда Сергеј никаде го нема

Над Вардар „виси“ ново црно сценарио, македонскиот клуб втора година по ред да нема право за настап во европските натпреварувања. Ветувањата повторно останаа лажни, долговите од последните две сезони не се подмирени, а од првиот човек Сергеј Самсоненко засега нема никаква информација. Русинот на секои три-четири месеци се јавуваше со најави дека она што го должи ќе биде подмирено, но времето брзо минува.

Само проблем е што фудбалот не е ракомет, па да се должат по дваесетина плати и рати од договорите, па да може да се игра во Европа. Ставот на УЕФА е дециден – за клубовите должници нема место во европските купови, а за десетина дена, истекува последниот рок што европската куќа на фудбалот им го дала на овие колективи за да покажат докази дека долговите им се подмирени. Во спротивно, ако финансиските критериуми не се исполнети – тие повторно ќе останат без лиценца за настап во европските натпреварувања.

Вардар „настрада“ минатото лето, а како што стојат работите истата ситуација би можела да се повтори и летово. Овојпат болката ќе биде уште поголема, бидејќи „вардарци“ би ги очекувале квалификации во ЛШ (имаат удобно водство на чело на прволигашката табела), но УЕФА не простува, особено на клубови на кои долгувањето кон играчите им станува навика. Согласно правилата, треба да бидат подмирени старите долгови, но и сите актуелни трошоци заедно со мартовската плата, а повеќе од јасно е дека Вардар е предалеку од покривање на оваа сума, која вкупно изнесува над 1,5 милиони евра.

Не е тајна дека младите фудбалери на „црвено-црните“ сезонава играат одлично и без да бидат платени, во неколку ситуации им беше ветувана позитивна разврска, но сега веќе е сериозно прашање дали Русинот крева раце од фудбалскиот, исто како што е случај и со ракометниот клуб. Проблем е тоа што за ракометниот колектив се најде „спасител“ во Михајло Михајловски, но во ситуација на натрупани долгови во ФК Вардар никој не ни помислува да го земе на раководење најтрофејниот македонски фудбалски клуб.

Се до наоѓање на спасител, прв човек на клубот е Сергеј Самсоненко, во ситуација кога времето безмилосно тече и ги притиска „вардарци“. Ќе се најде ли решение?!

Се вчитува...