Вардар го бара вториот триумф над Ла Фиорита и заверка на следната фаза

ЕКИПА во Сан Марино
Горан Бошев

Предност од 3-0 има Вардар пред вечерашниот реванш против Ла Фиорита, резултат кој гарантира сигурен пласман во следното коло. Но, задачата мора да се одработи, па вечерва Вардарци на реваншот најавуваат уште една победа, за подобрување на атмосферата пред следната фаза каде што ги очекува тимот на Ла Фиорита.

Чуда се можни во фудбалот, па Вардарци максимално концентрирано и мотивирано влегуваат и во вечерашната пресметка. Првата ја добија со голови во вториот дел. Тимот од Сан Марино имаше сила само за едно полувреме, а свесни дека не смее ништо да се остави на случајноста, избраниците на Гоце Седлоски најавија дека без потценување и со максимален ангажман ќе влезат во мечот.

„Уште по завршувањето на првиот меч во Скопје, им реков на играчите дека нема опуштање. Гледаме што се случува во Европа, и какви екипи испаѓаат. Резултатот од 3-0 не смее да залажува. Нема да потцениме никого, напротив, очекува да засилиме уште повеќе и да одиграме подобро. Првиот меч е веќе зад нас, тука одиме како да немаме никаква предност и со таква мисла ќе влеземе во мечот“, рече Седлоски.

Данел Донгмо, играчот на Вардар го дели мислењето со неговиот тренер дека мора да се влезе максимално, и дека Вардар ќе оди на победа.

„Победивме 3-0, и тоа е добар капитал пред овој меч. Го респектираме противникот, но нашата цел е да дојдеме до победа. Атмосферата е одлично, цело време тренираме и зборуваме како да дојдеме до триумф, и јас се надевам дека ќе успееме“, изјави Донгмо.

Натпреварот вечерва почнува во 21:00 часот. Поради повреди, Вардар не може да смета на Филип Најдовски, Фаустин Сенгор, а најновиот на листата на повредени е и Михаил Талевски, кој почувствува болка на претпоследниот тренинг, го пропушти вчерашниот официјален и дефинитивно нема да биде во комбинација.

Се вчитува...