Ракометарките на Вардар со победа против Будуќност со 25-30 во Подгорица ја заокружија групната фаза во Лигата на шампионите. Традиционалното балканско дерби овој пат беше без резултатска важност бидејќи вардарки веќе го имаа осигурано првото место, а Будуќност четвртата позиција на табелата за следната четвртфинална фаза во ЛШ. Македонскиот шампион на овој дуел настапи без Андреа Лекиќ, но и без првиот плејмејкер, стигна до девета победа во десет одиграни натпревари сезонава и ја потврди својата супериорност во европската ракометна елита. Во четвртфиналето на ЛШ, Вардар ќе игра против данскиот Митјиланд.
Вардарки уште од стартот наметнаа темпо и во поголемиот дел се одржуваа во минимално водство. Иако сезонава дуелите меѓу македонскиот и црногорскиот шампион ја немаат старата жестина и неизвесност, а сепак избраничките на тренерот Драган Аџиќ настојуваат да бидат достоен противник и дваестеина минути држеа чекор до полседното изедначување на 11-11. Но, искуството и квалитетот во овој дуел беше на страната на „црвено-црните“. Вардар беше подобар во финишот на полувремето и ефикасно ги казни грешките на домашниот тим. Со серијата од 4-0 вардарки дојдоа до највисоки +4 (11-15), а на одмор заминаа со водство од 12-15.
По серијата грешки на едната и на другата страна на стартот од второто полувреме, Будуќност се снајде подобро и по три минути стигна до ново изедначување на 15-15. Конечно, Андреа Пенезиќ го постигна првиот гол за Вардар во 5.минута од вториот дел. И речиси идентично како и во првото полувреме, по лабавиот старт, вардарки го засилија темпото и поведоа со 16-18. И покрај напорите на Будуќност да бидат достоен противник во овој дуел, сепак, вардарки беа пресилни и до крајот доминантни на теренот во „Морача“. Во последната четвртина влегоа со највисоки пет гола предност (19-24), а потоа рутински запишаа уште една победа во ЛШ.
Најефикасна во составот на Вардар вообичаено беше Андреа Пенезиќ со 10 гола, седум погодоци постигна Александра Лакрабер, а пет запиша Татјана Хмирова. Кај Будуќност нападот го предводеше Милена Раичевиќ исто така со 10 погодоци.
Како првопласирани во групата 2 од главната фаза, ракометарките на Вардар во четвртфиналето на ЛШ ќе играат против Митјиланд кој заврши на четвртата позиција во групата 1 откако во денешното последно коло во директен дуел за четвртфинале го победи вториот дански претставник Никобинг со 24-20. Првиот натпревар од четвртфиналето (6-8 април) вардарки ќе го играат на гостински терен, а реваншот (13-15 април) ќе биде во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА